Научниците составија библиотека на зрна град со цел да помогне во прилагодување на симулациите на градобијни бури и креирање на попрецизни временски прогнози. Заради поедноставување на пресметките, конвенционалното научно моделирање на бура претпоставува дека сите зрна на град се совршено сферични. Но, реалноста е малку покомплицирана од тоа...
„Градот може да има секакви чудни форми, од триаголник до рамен диск или да има шилци што извираат од него – две исти зрна град не постојат“, вели д-р Џошуа Содерхолм, почесен виш научен соработник на Универзитетот на Квинсленд, Австралија, истражувач во Бирото за метеорологија во Австралија.
Д-р Џошуа Содерхолм го фотографира зрното град Фото: Универзитет на Квинсленд
Во нивната нова студија објавена во Journal of the Atmospheric Sciences, Содерхолм и соработниците истражуваа дали составувањето на референтна библиотека со несферични, природни облици на зрната град може да ги промени резултатите од моделирањето на бура придружена со падавини од град.
„Нашата студија користеше податоци од 217 примероци од зрна град, кои беа 3-Д скенирани и потоа исечени на половина, за да дознаеме повеќе за тоа како се формирало зрното“, вели Содерхолм. „Ефективно ова претставува податочна збирка (dataset) на многубројните и разновидни форми на зрната град“.
Според водечкиот истражувач Јужу Лин, докторант на Државниот универзитет на Пенсилванија во САД, разликите биле огромни.
Зрното град, прелиено со црна боја за полесно 3-Д скенирање, се мери како дел од обработката при врес во податочната библиотека на зрна град. Фото: Универзитет на Квинсленд
„Моделирањето со употреба на зрна град со поприродна форма покажа дека тие поминале различни патеки низ бурата, доживеале различен раст и слетале на различни места“, вели таа. „Тоа влијаеше и на брзината и на ударот што зрното град го имаше на теренот. Никогаш претходно не бил изработен ваков начин на моделирање, па затоа ова е мошне возбудлива наука“.
Иако моделирањето во моментов го користат само научниците кои ги проучуваат бурите, Содерхолм вели дека крајната цел е да може да се предвиди во реално време големината на зрното град и местото каде тоа ќе падне.
„Попрецизни прогнози, се разбира, ќе ја предупредат јавноста за да можат да остане на безбедно во текот на невремето со град и да се ублажи штетата“, вели тој. „Но, од нив значителна корист би можеле да имаат и индустриските гранки како што се осигурувањето, земјоделството и соларното земјоделство кои се чувствителни на град“.