Атлетската патека на Олимпијадата во Париз е впечатлива по својата виолетова боја. Но, тајната која ги подобрува перформансите на спортистите е невидлива и има врска со морските школки...
Организаторите на Олимпијадата во Париз 2024 тврдат дека овие игри се најодржливото издание во историјата. А волшебната виолетова атлетска патека е јасно сведоштво за ова.
Секоја година на глобално ниво околу 10 милиони тони празни лушпи од мекотели како што се остриги, школки, раковини и школки завршуваат на депонија или во морето. Дел од овие школки беа трансформирани во скапоцен ресурс за патеката на Стад де Франс. Имено, Пиемонтската компанија Мондо (Mondo), специјализирана за изработка на спортски подови, соработуваше со рибарската задруга од Сардинија Ниедитас (Nieddittas) за пронаоѓање на еко-одржливо решение за потребата да се добие калциум карбонат неопходен за изградба на патеката. Овој минерал, всушност, традиционално се добива со рударење и тоа има значително влијание врз животната средина.
При градбата на патеката на Стад де Франс во Париз, работите се одвиваа поинаку. Ниедитас ги собираше и чистеше школките, кои потоа се мелеа и инкорпорираа во материјалот на самата патека. Според компанијата, овој процес би бил еквивалентен на неутрализирање на емисиите на возило со дизел Еуро 4 кое минува 60 000 километри, а истовремено се избегнува исфрлањето на „десетици тони“ школки во депонија.
Освен еколошкиот аспект, патеката може да се пофали и со иновативни карактеристики што ја прават потенцијално најбрзата некогаш изградена патека во олимписко издание. Од Мондо велат дека, теоретски, спортистите би можеле да ги подобрат своите перформанси за околу 2% во споредба со традиционалната патека.
Примероци од површината на атлетската патека на Олимписките игри во Париз 2024 фотографирани пред да бидат тестирани во производствените и истражувачките лаборатории на италијанската компанија Мондо
Очигледно, преведувањето на овие процентуални податоци во конкретни времиња или дополнителни растојанија е сложено, бидејќи перформансите зависат од бројни фактори, вклучувајќи ја атлетската подготовка на спортистот, климатските услови и видот на трката. Сепак, ова теоретско подобрување може да се претвори во побрзо време кај спринтовите, зголемување на скоковите во далечина и поголема реактивност воопшто: одличните резултати добиени досега во атлетските натпревари се чини дека го потврдуваат тоа.
Но, во што е тајната на ова наводно подобрување од 2%? Во комбинација на фактори кои го вклучуваат и обликот на „ќелиите“ на патеката. Имено, овие микроскопски елементи, кои ја сочинуваат површината што спортистите ја „газат“, ја апсорбираат енергијата на стапалата при ударот и ја „враќаат“ назад. Па, математичкото моделирање спроведено од последните Олимписки игри доведе до замена на традиционалните саќести ќелии на патеката со поиновативни елиптични ќелии, кои треба да бидат поефикасни и да создадат идеална средина за подобрување на перформансите на спортистите.
Изборот на виолетовата боја како главна, од друга страна, веројатно беше диктиран од потребата да се создаде визуелен контраст што ги истакнува спортистите, речиси како да се на сцена, а и од естетски причини; присуството на калциум карбонат што потекнуваод школките сепак е невидлив со голо око.