Истражувачите дизајнирале нов вид предавател-приемник кој би можел да испраќа сплотени фотони преку оптичко влакно. Концептот би можел да значи спојување на „квантниот интернет“ со сегашните телекомуникациски технологии.
Квантниот интернет би можел да искористи чудниот ефект на квантното сплотување за креирање на непробојно шифрирање на податоците што се пренесуваат. Ниту самите квантни компјутери, кои сè уште се во фаза на развој, не би можеле да ја нарушат безбедноста на квантниот интернет.
„За квантниот интернет да го направиме реалност, треба да сме способни да пренесеме сплотени фотони преку фибероптички мрежи“, вели Михаел Куес од Универзитетот Лајбниц во Хановер во Германија. „Исто така, сакаме да продолжиме да ги користиме оптичките влакна за конвенционален пренос на податоци. Нашето истражување е важен чекор за комбинирање на конвенционалниот интернет со квантниот интернет“.
Куес е постар автор на трудот објавен во Science Advances, во кој истражувањето е детално објаснето.
Концепт на предавател-приемник што ја менува бојата на ласерскиот импулс со високобрзински електричен сигнал, за таа да се совпаѓа со бојата на заплетканиот фотон во оптичкото влакно. Слика: Институт за фотоника
Тековните методи за пренос на квантно сплотени информации вдолж оптичкото влакно вклучуваат спектрално мултиплексирање. Оваа техника комбинира мешавина од фотонски фреквенции (бои) со сплотени информации, коишто на другиот крај треба да се “одвојат” . Но, авторите на новата студија велат дека „се потребни поефикасни пристапи во однос на ресурсите“.
Досега не беше возможно да се користи конвенционален и квантен пренос на интернет во оптичко влакно фокусирано на една боја. „Заплетканите фотони го блокираат податочниот канал во оптичкото влакно, спречувајќи негова употреба за конвенционален пренос на податоци“, вели коавторот Јан Хајн, докторант од групата на Куес.
„Со брз електричен сигнал можеме да ја промениме бојата на ласерскиот пулс, за да се совпаѓа со бојата на сплотените фотони“, објаснува првиот автор Филип Рибелинг, исто така од Универзитетот Лајбниц во Хановер. „Овој ефект ни овозможува да ги комбинираме ласерски импулси и сплотените фотони со иста боја во оптичкото влакно и [на крај] повторно да ги одвоиме“.
Со овој метод денешниот интернет би можел да се спои со квантниот интернет. Фотоните сега можат да се испраќаат во истиот колор канал истовремено и како квантен и како конвенционален интернет пренос. „Нашиот експеримент покажува како успешно да се изведе практичната имплементација на хибридните мрежи“, вели Куес.