По словенците и хрватите, сега и нашите соседи, србите најавија лансирање на нивен сателит во орбитата на Земјата. Со ова соседна Србија ќе стане трета земја од поранешните “екс-ју” простори со сопствена вселенска програма и сателит во орбитата, и ќе се приклучи на клубот од 106 земји во светот со развиена вселенска програма.
Српскиот сателит, наречен “Мозаик” треба да биде лансиран кон крајот на следната или почетокот на 2026 година. Притоа сè уште не се знае од кој од космодромите во светот ќе биде лансиран, со оглед на тоа дека се чека најдобрата понуда. Планирано е да остане во орбитата две до три години и за тоа време да се користи за научни цели.
Научниот соработник на Астрономската опсерваторија во Белград, Милан Стојановиќ, изјави за весникот Политика дека сателитот освен што ќе го набљудува Сонцето во доменот на рендгенските зраци, што е невозможно од површината на Земјата, ќе биде опремен и со мала камера која, сумболично, ќе нуди континуиран поглед на Србија од вселената.
“Сакаме да го набљудуваме Сонцето во доменот на рендгенските зраци, бидејќи преку некои наши истражувања заклучивме дека ова е дел во кој нема доволно податоци за нашето Сонце. Како прво, кога од Земјата го набљудувате Сонцето, рендгенското зрачење од Сонцето не допира до Земјата бидејќи атмосферата целосно го блокира, што е голема среќа за нас. Да не беше тоа, веројатно немаше да седиме овде и да разговараме. Кога ќе излезете надвор од атмосферата и во орбитата околу Земјата, тогаш можете да го набљудувате зрачењето на Х-зраците од Сонцето. Нема многу податоци, поради што може да се постигнат убави научни резултати на тоа поле. Дополнително, на сателитот ќе има и една мала камера која е повеќе за промотивни, едукативни цели, која треба да ја фотографира нашата земја од сателитот”, вели Стојановиќ за РТС.
Сателитот Мозаик го изработува Астрономската опсерваторија во Белград во соработка со техничките факултети – Машинскиот, Електротехничкиот и Математичкиот факултет при Универзитетот во Белград, како и Институтот Михајло Пупин.
Првиот српски сателит е од типот КјубСат наносателити со димензии од 10 x 10 x 10 сантиметри, кои вообичаено се состојат од 3 коцки што се склопуваат во една. Притоа некои делови од сателитот, како спектрометарот на пример, ќе бидат набавени како готови модули, но добар дел од опремата ќе биде изработена во Србија. По целосното склопување сателитот треба да помине низа тестови, со пропишани светски стандарди, што ќе ја потврдат неговата подготвеност да функционира нормално во суровите услови во вселената.
Како што тој појаснува, ова ќе им овозможи на српските научници и подобро совладување на оваа технологија – почнувајќи од сегментот набавка на компоненти и лансирање на сателити во вселената па сè до самото собирање и обработка на добиените податоци. На овој начин тие ќе се обучат за изработка, испраќање и управување со сè поголеми летала.