Спортистите специјализирани за трчање на средни патеки живеат во просек 5 години подолго од општата популација. На што се должи оваа предност?
Дали екстремните физички вежби го трошат телото, за на крај да се одразат и на вашето здравје? Ова е традиционалното гледиште, на кое сега се спротивставува научната студија која внимателно ги следела спортистите кои се тркаат на средни патеки (помеѓу 800 и 3000 метри). И покрај исцрпувачката рутина на тренинзи, шампионите во овие дисциплини живеат во просек 5 години подолго од остатокот од населението! Ова беше откриено со анализа објавена во мај 2024 година во British Journal of Sports Medicine.
Група научници од Универзитетот во Алберта, Канада, дошле до овој заклучок откако ги анализирале здравствените податоци на првите 200 луѓе кои истрчале една милја (околу 1,6 км, односно 1500 метри на официјални трки) за помалку од 4 минути во ’50, ‘60 и ’70 години од минатиот век. Она што се зема предвид е дека оваа популација спортисти имаат аеробна истрајност и сила, која ги турка респираторните, кардиоваскуларните, метаболичките и мускулно-скелетните системи до нивните максимални перформанси. За да постигнат такви резултати на високо ниво, овие спортисти преземаат по неколку мошне интензивни тренинзи неделно.
Иако сега е добро утврдено дека оние кои редовно се занимаваат со физичка активност живеат подолго од оние кои животот го минуваат “седечки”, влијанието на многу интензивното вежбање врз животниот век не е баш најјасно. Некои научници веруваат дека кардиоваскуларниот напор што ги придружува спортовите на издржливост, како што се маратоните, триатлоните или велосипедизмот, претставува фактор на ризик за рана смртност, на долг рок. Меѓутоа, може да се каже дека ова повеќе се однесува на луѓе кои не се навикнати да спортуваат, а помалку за вистинските спортисти.
Всушност, различни студии на популации шампиони од Тур д Франс, олимписки спортисти и кануисти покажаа дека овие луѓе имаат подолг животен век од општата популација. И една студија спроведена во 2022 година од Универзитетот Харвард покажа дека оние кои вежбаат повеќе од општите препораки го намалуваат ризикот од смрт за 30% (што е за 10% повеќе од оние кои се придржуваат до препораките).
Значи случајот со тркачите на средни патеки не е изолиран. Веќе во 2018 година беше откриено дека 20-те најдобри тркачи во светот кои трчале една милја под 4 минути живееле во просек 12 години подолго од општата популација. Новата студија ја прошири истрагата на примероци кои живееле низ повеќе децении. Оние кои го постигнале овој рекорд во 1960-тите имале уште подолг животен век од тркачите кои тоа го постигнале подоцна, можеби затоа што во следните децении и очекуваниот животен век на општата популација значително порасна.
Дел од добивката во годините на живеење може да зависи не само од тренинзите, туку и од генетскиот состав на најталентираните спортисти. Истите гени кои ги предиспонирале да се изразуваат на толку високи нивоа можно е и да ги штитат од некои од најчестите причини за смрт, како што се ракот или кардиоваскуларните проблеми. Во групата спортисти што беа разгледани во студијата, научниците идентификувале 20 пара браќа и неколку пара родители и деца.