И повторно доаѓа тоа време од годината кога нѐ очекува еден од најблескавите метеорски роеви. Персеидите се редовни посетители на августовското небо на северната хемисфера и видливи се некаде од средината на месец јули, па речиси до крајот на месецот август. Иако метеорскиот дожд во помал интензитет е видлив во целиот овој период, неговиот пик го очекуваме на 12 и 13 август.
Овој метеорски дожд всушност претставува остаток од кометата Свифт-Татл, а е именуван по соѕвездието Персеј. Ова се должи на радијантот, односно привидната насока од којашто метеорскиот дожд се чини дека паѓа а којашто се поклопува со местото каде го лоцираме соѕвездието Персеј на ноќното небо, во правецот на североисточниот дел на небото на Северната хемисфера.
Иако во текот на годината небото го осветлуваат повеќе метеорски дождови, Персеидите се доста популарни за набљудување меѓу астрономите-аматери поради тоа што како што при нивниот врв на темното ноќно небо можат да се забележат и до 100 метеори во текот на еден час.
Доколку планирате да го набљудувате овој метеорски дожд, побарајте го на потег помеѓу радијантот (североисточниот дел на небото) и зенитот (точката во небото директно над вас). Нема потреба од некои особени астрономски пресметки. Дури и ако сте апсолутен астроном-почетник, без каква и да е апаратура, нема да го промашите спектаклот. Сè што ви треба е околина без светлосно загадување, мирна ледина и ќебе врз кое ќе легнете.
Откако на вашиот ноќен излет надвор од градот ќе се испружите и ќе го пуштите погледот да талка по небото, сигурно за многу кратко време ќе бидете во можност да го лоцирате ноќниот спектакл.
Во рамки на подготивките за вашите астрономски набљудувања на Персеидите ви препорачуваме да го прочитате и написот Што се тоа метеороиди, метеори, метеорити, рој, радијант и ZHR?