За разлика од многу други форми на меморија, се чини дека возраста не влијае врз способноста за паметење и препознавањето на музичките теми. Имено, осумдесетгодишниците се способни да ги препознаат познатите мелодиите подеднакво добро колку што тоа го прават тинејџерите.
Претходни истражувања веќе покажаа дека многу аспекти на меморијата се засегнати од стареењето, како способностите за повикување на спомени што бараат обработка на “податоците” во реално време. Но ова не важи и за способностите за препознавање, што се потпираат на добро познати информации и автоматски процеси. Влијанието на возраста врз способноста за потсетување на музиката исто така е истражувано, но истражувачите сега биле заинтересирани да го проучат ова влијание во реалниот свет – на концерт, на пример.
Во студијата објавена деновиве во PLoS ONE, Сара Сове од Универзитетот во Линколн (Велика Британија) тестирала група од околу 90 здрави возрасни лица, на возраст од 18 до 86 години, за колку добро тие можат да препознаат познати и непознати музички теми на концерт во живо. Учесниците биле ‘регрутирани’ на настапот на Симфонискиот оркестар на Њуфаундленд, во Сент Џонс (Канада). Уште 31 лице гледале снимка од истиот концерт во лабораторија.
Студијата се фокусирала на три музички дела отсвирени на концертот: Моцартовата ‘Мала ноќна музика’ (Eine kleine Nachtmusik) – дело за кое истражувачите претпоставиле дека им е познато на повеќето учесници, како и две специјално нарачани експериментални дела. Едно од делата било тонско и лесно за слушање; другото дело во поголем дел било атонално и не одговарало на типичните мелодиски норми од западната класична музика. Кратка мелодична фраза од секое од трите дела била свирена три пати на почетокот од соодветното дело, а учесниците потоа евидентирале секогаш кога ќе ја препознаеле темата во делото.
Мелодичната фраза од ‘Мала ноќна музика’ била подеднакво добро препознаена ширум сите возрасти и музички средини, без губење на препознатливоста со зголемување на возраста. Сите учесници биле помалку сигурни во препознавањето на темата во непознатото тонско парче, а уште помалку сигурни при препознавање на непознатото атонално парче. Овој модел, исто така, не се разликувал со возраста. Студијата, исто така, не открила разлика поврзана со возраста во резултатите меѓу учесниците на концертот наспроти оние во лабораторијата.
Стефен Херф, когнитивен невролог од Универзитетот во Сиднеј, Австралија, смета дека причината зошто музичката меморија се чини дека е отпорна на когнитивните падови поврзани со возраста може да лежи во емоциите што музиката ги поттикнува кај луѓето, што ја прави поцврсто кодирана во меморијата. „Од општите истражувања за меморијата знаеме дека ефективно амигдалата – или емоционалната обработка – функционира нешто како печат на важност“, вели тој. Дополнително, музиката, исто така, има тенденција да следи одредени правила, па оттаму станува релативно лесно препознатлива.
Недостаток на студијата е тоа што таа собрала ограничени податоци за когнитивното здравје на некои од учесниците, па не нуди детални, цврсти сознанија за тоа како когнитивните оштетувања или невродегенеративните болести влијаат на сеќавањето. Научниците сметаат дека постои голем интерес за користење на музиката како форма на „когнитивна патерица“ – како мемориска помош за други информации – за лицата со неврогенеративни состојби како што е деменцијата.