Американските истражувачи го открија механизмот што ја предизвикува опаката, животно загрозувачка болест лупус. Процесот отвора патишта кон подиректен третман на болеста што погаѓа милиони луѓе ширум светот.
Лупус претставува автоимуна состојба која се јавува кога имунолошкиот систем ги напаѓа обичните клетки на телото. Во моментов за оваа болест нема лек.
„Со идентификување на причината за оваа болест, пронајдовме потенцијален лек кој нема да ги има несаканите ефекти од сегашните терапии“, вели д-р Џејок Чои, вонреден професор по дерматологија на Универзитетот Нортвестерн во САД и коавтор на трудот во којшто се опишува истражувањето објавено во Nature. „До сега, целата терапија за лупус е тап инструмент. Се работи за имуносупресија со широк опсег“.
Истражувачите испитувале примероци од крв од пациенти со лупус, барајќи промени што се разликуваат од обичните примероци на крв. Притоа тие открија дека добар дел од промените придонесувале за недоволно работење на протеинот наречен рецептор за ароматични јаглеводородни, односно Ah-рецептор или AHR (aryl hydrocarbon receptor). Овој протеин помага во контролирање на реакциите на клетките на закани од типот на загадувачи и бактерии.
Ако AHR не работи правилно, телото може да направи хиперпродукција на имунолошки клетки наречени Т периферни помошни клетки, кои потоа можат да ги нападнат здравите клетки.
„Ја идентификувавме основната нерамнотежа кај имунолошките одговори што се случува кај пациентите со лупус, и дефиниравме специфични медијатори кои можат да ја поправат оваа нерамнотежа за да го намалат патолошкиот автоимун одговор“, вели коавторот на трудот д-р Дипак Рао, доцент на медицина на Медицинскиот факултет Харвард, САД.
За да ги тестираат резултатите, во примероците од крвта на пациенти со лупус истражувачите додале молекули што го активираат AHR. Оваа постапка го намалила бројот на клетки што предизвикуваат лупус.
„Откривме дека ако го активираме AHR патеката со активатори на мали молекули или го ограничиме патолошки прекумерниот интерферон во крвта, можеме да го намалиме бројот на клетките кои предизвикуваат болести“, вели Чои. „Ако ефектите се трајни, ова може да биде потенцијален лек“.
Истражувачите сега почнуваат да трагаат по начини преку кои овие третмани безбедно би можеле да се применуваат кај луѓе.