Изминатата недела помина во знакот на дебатата Бајден – Трамп, која беше своевиден тест за бистрината на умот и мозочната кондиција на учесниците, претеденти за функцијата што би ги ставила на чело на една од најмоќните демократии во светот. Обајцата кандидати за претседателската функција се во своите позни години, при што за еден од нив отворено се зборува дека има проблеми со средувањето на текот на мислите. Па, да видиме што вели науката за мозокот, мозочните функции и стареењето?
Дебатата беше долго очекувана, а очекувањата беа подгреани од сѐ погласните шпекулации за здравствената состојба на претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, кој се појави уморен на ова прво соочување со неговиот противкандидат Доналд Трамп, кое можеше да се проследи во живо на CNN ноќта помеѓу 27 и 28 јуни. Но, да ги тргнеме на страна сите хипотези и политички симпатии, и да разгледаме што вели науката за когнитивниот пад поврзан со возраста? Кои когнитивни вештини се потребни за да се преземе улогата на највлијателниот лидер во светот?
Аналитичарите (кои милуваат за себе да кажат дека се непристрасни) по поблиско разгледување на текот на дебатата заклучиле дека и претседателот Бајден (81 година) и поранешниот претседател Трамп (78 години) немале добро почетно претставување. Притоа првиот често се сопнувал, имал нејасен говор и се покажал сосема неефикасен во напаѓањето на противникот; давал збунувачки одговори, и народски кажано “трокирал”. Од друга страна, Доналд Трамп понудил репертоар од одговори кои често не биле поткрепени со логично расудување и лажел за лесно проверливи факти. Настапот на Бајден, особено, беше исклучително мачен за гледање, и предизвика загриженост во таборот на демократите и покрена лавина прашања во американскиот и светскиот печат.
Па да разгледаме што претставува нормален знак на стареење, а што е патолошки пад? Како се прави разлика помеѓу овие две состојби?
Се обидовме да најдеме одговор на овие прашања. Притоа мора да нагласиме дека експертите до еден се согласуваат дека не е можно да се даде конечна оценка без директна невропсихолошка евалуација на пациентот и дека секој што би се впуштил во дијагностичка хипотеза ризикува да биде подложен на политичка експлоатација за медицинско прашање.
Што се случува во мозокот што старее?
Како што старееме, волуменот на мозокот почнува да се намалува, поради губење на мозочните клетки кои не се заменети, намалување на волуменот на самите клетки и дегенерација на нервните влакна, проширувања на нервните клетки. По 40 година, тежината на мозокот опаѓа за 5% секоја деценија, но симптомите на ова физиолошко намалување на волуменот или атрофија почнуваме да ги гледаме дури на возраст од околу 60-70 години.
Тоа е процес кој природно се случува дури и во отсуство на мозочни патологии и кој може да предизвика проблеми во меморијата. Како што за Fortune објаснува Патриша Бојл, невропсихолог од Центарот за Алцхајмерова болест Раш: „Губењето на меморијата поврзано со возраста не е секогаш знак за сериозен когнитивен проблем. Повеќето луѓе не разбираат дека губењето на меморијата поврзано со возраста обично е поврзано со благ заборав и е нормален дел од стареењето на мозокот и не мора да значи знак за сериозен проблем со меморијата“.
Значи, кои се симптомите на „нормалното“ когнитивно стареење?
Исто како што телото што старее се движи побавно или почесто боли, со текот на годините мозокот може почесто да донесе погрешна одлука, да заборави на плаќање, моментално да го изгуби чувството за време или да го “промаши” вистинскиот збор во одредена ситуација, па дури и да ги заборава нештата низ домот и сѐ повеќе да се мачи да ги најде.
„Намалувањето на когнитивните функции што го забележуваме, при нормално стареење, во отсуство на болест, вообичаено е поврзано со брзината на обработка и пронаоѓање на информации“, вели за Stat News Џон Роу, професор по здравствена политика и стареење на Медицинскиот факултет Мејлман при Универзитетот Колумбија. На пример, може да се случи да сретнете некој познаник на улица и да не се сеќавате на неговото име, или да се мачите да се сетите или да запаметите на прво место, телефонски број. Сепак, оваа појава претставува забавување на функцијата на мозокот, а не сериозно оштетување.
Дали има и когнитивни способности кои се подобруваат со возраста?
Терминот когниција се однесува на различни функции, надвор од едноставната меморија. Тука спаѓаат, на пример, извршните функции (способноста за планирање, мултитаскинг, организација), процесите на внимание, јазичните функции, способноста за решавање проблеми и донесување одлуки. Сите овие способности се менуваат со напредокот на возраста, но не нужно на полошо. Обработката на информациите, иако честопати се одвива побавно, сепак во најголем број слулаи продолжува да се одвива правилно. Како резултат на акумулираното искуство, мошне често се подобрува расудувањето. Јазичните вештини, вокабуларот, способноста за решавање конфликти и емоционалната стабилност, исто така мошне често се прошируваат со текот на годините.
Кои когнитивни вештини се потребни за улогата лидер?
Како што посочува Лео Гугерти, почесен професор по психологија на Универзитетот Клемсон (САД) во написот за Тhe Conversation, сложените одлуки со кои се соочува претседателот на Соединетите Држави се истоврменено и од типот интуитивни и советодавни: шефот на Белата куќа во одредени моменти мора да реши ситни прашања за кои е доволна интуицијата што произлегува од децениското политичко искуство, но почесто тој се соочува со сложени предизвици кои во себе инкорпорираат повеќе последователни чекори, донесување на одлуки за прашања како што се климатските промени, миграциските политики, меѓународните конфликти...
Во овие случаи, човек мора лесно да го повика концептуалното знаење за светот (семантичката меморија: на пример, историјата на Блискиот Исток), да има отворен ум што овозможува да се разгледаат сите релевантни опции при донесување на одлуките, дури и ако тие се косат со нечии верувања; да се има способност за предвидување на последиците од одредни одлуки и да им се верува, дури и ако треба, да се размислува во насока на веројатности, а не на сигурни исходи.
Исто така, треба да знаете како тимски да работите за да соберете предлози од вашиот персонал или вашата политичка партија.
Според Гугерти, основите на капацитетот за носење одлуки – како што се децениското познавање на меѓународните политички прашања, слободоумноста, способноста да се премерат веројатните и сигурните исходи и подготвеноста да се прифатат совети – не се влошуваат со возраста.
Што претставува патолошки когнитивен пад?
На половина пат помеѓу нормалното стареење и благата деменција се наоѓа благиот когнитивен пад (Mild Cognitive Impairment – MCI), суптилна потешкотија изразена во еден или повеќе когнитивни домени чие присуство е потврдено со невропсихолошка евалуација (т.е. сложено истражување спроведено од професионалци за когнитивни функции), што сепак вообичаено не влијае на способноста за извршување на нормални дневни активности.
Помеѓу 10% и 20% од лицата на возраст од преку 65 години развиваат MCI, а од нив секоја година 10% до 15% ќе развијат деменција, мошне често од типот на Алцхајмерова болест. Состојбата на MCI не се влошува кај сите пациенти. „Кај повеќето ова нема да се случи“, објаснува Роу, „всушност, некои од нив стануваат подобри со напредувањето на возраста, бидејќи се навикнуваат да се справат со сето тоа. Користат трикови и помагала за [подобрување на] меморија и слични работи за да се справат со овие проблеми“.
Кои се симптомите на благ когнитивен пад?
Заборавање на работите или на состаноците почесто отколку што тоа би се случило при ситуација на нормално физиолошко стареење е дел од симптомите. Тука се и губење на мислите или неможност да се следи заплетот на некоја книга или филм; проблем да се заврши разговорот; тешкотија со донесувањето одлуки, завршување на задачи, следење на упатства. Исто така, личноста има потешкотии да се ориентира на познати локации или соодветно да ја процени ситуацијата. Вообичаено, пријателите и семејството ги забележуваат овие промени.
Како овие податоци се применливи на дебатата Бајден – Трамп?
Според експеритет, претседателот Бајден при дебатата воглавно правел грешки од епизодната меморија (способноста да се потсетиме на епизоди од личното искуство). Овој тип на меморија е различен од семантичката меморија на којашто се заснова процесот на донесување одлуки. Накратко, тие велат дека дури и кога кандидатот ќе го “промаши” името на политичарот со кој треба да го запознае, тој или таа веројатно сè уште го разбираат концептот зад тоа неточно име: семантичкото знаење е всушност складирано во задните региони на мозокот, чијшто пад се одвива побавно. Исто така потребно е да се земе предвид и вредноста на политичкото искуство, без кое дури и одлуките засновани на интуиција можат да бидат лажливи.
Други научници, и покрај тоа што прецизираат дека конкретна дијагноза не може да се постави врз основа на телевизиски видеа, нагласуваат дека сигналите од типот на несигурност во чекорот, одење не придружено со движење на рацете, фиксиран поглед и вкочанетото лице кое е практично без гримаси, можат да укажат на процес на не сосема здраво стареење, за што е потребна медицинска помош.
Извор Focus