Роверот на НАСА Истрајност (Perseverance) кој од 2021 година го истражува кратерот Језеро на Марс, достигна област од значителен научен интерес. Додека беше на пат кон областа наречена Светлиот ангел (Bright Angel), тимот на НАСА направи интересни геолошки откритија во еден древен речен канал. Светлиот ангел има карпест релјеф во којшто е можно да се најдат древни карпи што биле изложени на речната ерозија или седимент што го исполнил каналот.
Геолозите се надеваа дека при оваа мисија ќе пронајдат карпи поинакви од оние што досега беа проучувани (богати со карбонати и оливин) и ќе соберат повеќе индиции за историјата на Језеро. И, така и се случи. Роверот Perseverance наиде на невообичаено светол камен во кратерот Језеро, карпа каква што досега не била забележана на Марс.
На пат кон Светлиот ангел роверот се движел долж долината на Неретва – се разбира онаа на Марс (Neretva Vallis), а не во Босна – низ којшто пред милијарди години се сливала голема количина вода во кратерот Језеро.
На оваа мапа може да се види патот на Истрајност во периодот од 21 јануари до 11 јуни оваа година. Фотографијата е направена со орбитерот Марс Одисеја (Mars Odissey). Белите точки покажуваат каде роверот застанувал откако наишол на препреки во долината на Неретва. Бледо сината линија ја означува рутата на роверот внатре во каналот. Фото: НАСА/ЈПЛ-Калтек/Универзитет во Аризона
„Почнавме да патуваме паралелно со каналот (видете ја фотографијата горе) и напредувавме до јануари, но потоа камењата станаа поголеми и побројни“, вели Иван Грејзер, заменик-менаџер за стратешко планирање на маршрутата на Истрајност при Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Калифорнија. „До тој момент роверот поминуваше неколку стотици метри дневно, но потоа брзината се намали и успеавме да поминеме само неколку десетици метри“.
Над нерамниот терен, Иван и неговиот тим ги користат сликите на роверот за да испланираат околу 30 метри од патеката што треба да се измине одеднаш. Освен на сликите, истражувачите се потпираат и на автоматскиот систем за навигација на роверот, AutoNav. Но, како што карпите се зголемија, навигаторот се заглави, со што се усложни и забави пристигнувањето во регионот на Светлиот Ангел. Но, тимот се надева да пристигне до дестинацијата прекитрупа, движејќи се низ полето со дини со пречник од 400 метри, сместено во коритото на некогашната реката.
„Како што продолживме, видовме дека на север има канал без дини по кој можеме да патуваме. Дините се голема опасност за роверите бидејќи ризикуваат да ги заглават во песокот“, објаснува Грејзер. Истражувачкиот тим при мисијата Истрајност избра роверот да патува низ древниот речен канал за да ги истражи процесите на древните марсовски реки.
„Разновидноста на текстурите и композициите на планината Вашбрн (Mount Washburn) беше возбудливо откритие за тимот, бидејќи овие карпи претставуваат „геолошко богатство“ кои потекнуваат од работ на кратерот, потенцијално и надвор од него“, вели Бред Гарчински од Универзитетот на Западен Вашингтон во Белингем, еден од одговорните за тековната научна кампања.
Слика составена од 18 готографии споени во една. На мозаикот се гледа поле со карпи на “Планината Вашберн“, фотографирано на 27 мај оваа година. Заинтригирани од разновидноста на текстурите и хемискиот состав во карпата со светол тон во центарот, научниот тим на роверот ја именувал карпата со Атоко Поинт. Фото: NASA/JPL-Caltech/ASU/MSSS
„Но, од сите карпи, една навистина ни го привлече вниманието“. Таа беше светло обоена карпа, со прскана текстура, широка околу 45 сантиметри и висока 35 сантиметри, која се издвојуваше помеѓу другите потемни соседи. Карпата беше наречена Атоко Поинт (Atoko Point) во чест на структурата со еднакво светла боја што може да се најде во Големиот Кањон на реката Колорадо на Земјата.
Анализата спроведена со помош на вградените инструменти на Истрајност (SuperCam и Mastcam-Z) покажа дека карпата е составена од минералите пироксен и фелдшпат. Во однос на големината, обликот и распоредот на минералните зрна и кристали, се чини дека Атоко Поинт претставува камен со уникатен состав, каков што истражувачите претходно не сретнале при истражувањата.
Некои од научниците при мисијата шпекулираат дека минералите во состав на Атоко се создале во подземна маса од магма којашт веројатно сега се наоѓа под работ на кратерот. Другите, пак во тимот веруваат дека карпата се формирала многу подалеку од работ на Језеро и била донесена тука од обилните и брзи марсовски води. Како и да е, според тимот, иако Атоко е првата карпа од ваков вид со која тие се сретнуваат при истражувањето на Марс, се смета дека таа нема да биде и последна.
Слика составена од 18 готографии споени во една. На мозаикот се гледа поле со карпи на “Планината Вашберн“, фотографирано на 27 мај оваа година. Заинтригирани од разновидноста на текстурите и хемискиот состав во карпата со светол тон во центарот, научниот тим на роверот ја именувал карпата со Атоко Поинт. Фото: NASA/JPL-Caltech/ASU/MSSS
На оваа мапа може да се види патот на Истрајност во периодот од 21 јануари до 11 јуни оваа година. Фотографијата е направена со орбитерот Марс Одисеја (Mars Odissey). Белите точки покажуваат каде роверот застанувал откако наишол на препреки во долината на Неретва. Бледо сината линија ја означува рутата на роверот внатре во каналот. Фото: НАСА/ЈПЛ-Калтек/Универзитет во Аризона