Едно австралиско клиничко испитување покажа дека возрасните лица кои патат од повторлива болка во долниот дел од грбот со редовно пешање се ослободиле од неа на подолг временски период.
Болката во долниот дел од грбот е водечка причина за инвалидитет во светот. Се проценува дека во 2020 година од неа пателе 619 милиони луѓе во светот, а се предвидува дека до 2050 година оваа бројка ќе се зголеми на 843 милиони.
Досегашната медицинска практика и искуство покажале дека комбинацијата од вежбање и едукација спречува повторување на болките во долниот дел од грбот, меѓутоа, не сите форми на вежбање се достапни за многу луѓе, а некои не можат ниту да си ги дозволат. Новото истражување имало за цел да утврди дали индивидуализираната програма за пешачење и 6 едукативни сесии водени од физиотерапевт во текот на 6 месеци би можеле се покажат како ефикасна интервенција.
Во испитувањето учествувале 701 возрасен човек кои штотуку се опоравиле од епизода на болка во долниот дел од грбот. Тие по случаен избор биле распределени во интервентната група или во контролната група, по што нивната состојба биле следена од истражувачите во период од 1 и 3 години.
„Интервентната група имаше помалку појави на болка што ја ограничува активноста во споредба со контролната група и подолг просечен период пред да се случи рецидив, во просек 208 дена наспроти 112 дена“, вели Марк Хенкок, професор по физиотерапија во Универзитетот Меквери во Австралија и виш автор на трудот објавен во Лансет.
„Пешачењето е евтина, широко достапна и едноставна вежба во која може да се вклучи речиси секој, без оглед на географската локација, возраста или социо-економскиот статус. Не знаеме точно зошто одењето е толку добро за спречување на болки во грбот, но мошне веројатно тоа се должи на комбинацијата од благи осцилаторни движења, оптоварување и зајакнување на структурите и мускулите на 'рбетот, релаксацијата и ослободувањето од стресот и лачењето на “позитивни” еднорфини", вели тој.„И, се разбира, исто така знаеме дека пешачењето нуди и многу други здравствени придобивки, вклучувајќи кардиоваскуларно здравје, одржување на густината на коските, здрава тежина и подобрено ментално здравје“.
Водечкиот автор д-р Наташа Покови од Универзитетот Меквери вели дека, покрај тоа што на учесниците им обезбедува подолг временски период без болка, програмата била мошне исплатлива.
„Тоа не само што го подобри квалитетот на животот на луѓето, туку ја намали и нивната потреба од користење на здравствена услуги но и времето поминато на боледување, приближно за половина“, вели Покови.
„Интервенциите за спречување на болки во грбот засновани на вежбање, кои биле истражувани претходно, обично се базирани на група и бараат внимателен клинички надзор и скапа опрема, така што тие се многу помалку достапни за поголемиот дел од пациентите. Нашата студија покажа дека ова ефективно и достапно средство за вежбање има потенцијал успешно да се спроведе во многу поголем обем од другите форми на вежбање”, вели таа.