Кон крајот на 2019 година, претходно незабележителната галаксија SDSS1335+0728 одеднаш почна да свети посилно од кога било досега. За да разберат зошто, астрономите користеле податоци од неколку вселенски и копнени опсерватории, вклучително и VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија, за да следат како се менува осветленоста на галаксијата. Во студијата објавена во Astronomy & Astrophysics тие заклучуваат дека се сведоци на промени досега невидени во галаксијата, што веројатно се последица од ненадејното будење на масивната црна дупка во нејзиното јадро.
„Замислете си дека набљудувате далечна галаксија со години, и таа секогаш изгледаше мирна и неактивна“, вели Пола Санчес Саес, астроном во ЕСО во Германија и главен автор на студијата. „Одеднаш, нејзиното [јадро] почнува да покажува драматични промени во осветленоста, за разлика од сите типични настани што сме ги виделе досега“.
Ова се случи со SDSS1335+0728, кој сега е класифициран како „активно галактичко јадро“ (active galactic nucleus – AGN), светла компактна област напојувана од масивна црна дупка, откако драматично се осветли во декември 2019 година.
Некои феномени, како експлозиите на супернова или настаните на приливно нарушување (кога ѕвезда ќе се приближи премногу до црна дупка и ќе се распарчи), може да предизвикаат ненадејна промена во интензитетот на осветленост на галаксиите. Но, овие варијации во осветленоста обично траат само неколку десетици или, најмногу, неколку стотици дена. Интензитетот на осветленост на SDSS1335+0728 денес сè уште се зголемува, повеќе од четири години откако првпат беше забележано “стартувањето” на овој процес. Згора на тоа, варијациите откриени во галаксијата, која се наоѓа на 300 милиони светлосни години од нас во соѕвездието Девица, не наликуваат на ништо досега забележанао, што ги насочува астрономите кон поинакво објаснување.
Тимот се обиде да ги разбере овие варијации на осветленоста користејќи комбинација од архивски податоци и нови набљудувања од неколку објекти, вклучувајќи го и инструментот X-shooter на VLT на ЕСО, сместен во пустината Атакама во Чиле. Споредувајќи ги податоците земени пред и по декември 2019 година, тие откриле дека SDSS1335+0728 сега зрачи многу повеќе светлина во ултравиолетовиот, видливиот и инфрацрвениот спектар на бранови должини. Галаксијата, исто така, започна да емитува x-зраци во февруари 2024 година.
„Ова однесување е без преседан“, вели Санчез Саез, исто така ангажиран во Милениумскиот институт за астрофизика (Millennium Institute of Astrophysics – МАС) во Чиле.
„Најопипливата опција за објаснување на овој феномен е дека тоа што гледаме е како [јадрото] на галаксијата почнува да покажува (...) активност“, вели коавторката Лорена Хернандес Гарсија, од МАС и Универзитетот во Валпараисо во Чиле. „Ако е така, ова ќе биде прв случај да набљудуваме активирање на масивна црна дупка во реално време“.
Масивните црни дупки, со маса над сто илјади пати поголема од нашето Сонце, постојат во центарот на повеќето галаксии, вклучувајќи го и Млечниот Пат.
„Овие огромни чудовишта обично спијат и не се директно видливи“, објаснува коавторот Клаудио Ричи, од Универзитетот Диего Порталес, исто така во Чиле. „Во случајот со SDSS1335+0728, можевме да го набљудуваме будењето на масивната црна дупка, [која] одеднаш започна да се насладува со гасот достапен во нејзината околина, станувајќи многу светла”.
„[Овој] процес (...) никогаш претходно не бил набљудуван“, вели Ернандес Гарсија. Претходните студии известија дека неактивните галаксии стануваат активни по неколку години, но ова е првпат самиот процес – будењето на црната дупка – да биде забележан во реално време. Ричи, кој исто така е поврзан со Институтот за астрономија и астрофизика Кавли при Универзитетот во Пекинг, Кина, додава: „Ова е нешто што може да се случи и со нашата сопствена масивната црна дупка, Sgr A* (...) лоцирана во центарот на нашата галаксија“, но не е јасно колку е веројатно тоа да се случи.
Сè уште се потребни дополнителни набљудувања за да се исклучат алтернативните објаснувања. Друга можност е дека гледаме невообичаено бавен развој на настан на нарушување на плимата, а можеби дури и нов феномен. Ако се покаже дека се работи за настан на приливно нарушување, ова би бил најдолгиот и најслабиот ваков настан што некогаш бил забележан. „Без оглед на природата на варијациите, [оваа галаксија] дава вредни информации за тоа како црните дупки растат и еволуираат“, вели Санчес Саес. „Очекуваме дека инструментите [како MUSE на VLT или оние на претстојниот Extremely Large Telescope (ELT)] ќе бидат клучни во процесот на осознавање [зошто галаксијата станува сѐ посветла].