Рубрика: Информатика
За Европска Силиконска долина, потребна е промена во моделот на финансирање за стартапите
Објавено на 17.06.2024 - 17:15

Технолошките стартапи ќе бидат воодушевени од веста дека ветеранот на ризичниот капитал од Силиконската долина (VC) General Catalyst е на повидок да собере 6 милијарди американски долари за поддршка на нови компании. Веста доаѓа непосредно по најавата на Андресен Хоровиц (Andreessen Horowitz), уште еден голем VC играч, за нов инвестициски фонд од 7,2 милијарди американски долари. Се работи за едни од најголемите суми од прибирање финансиски средства во последните години, кои доаѓаат во време кога VC секторот минува низ затишје, при што вкупните светски инвестиции се намалени од 644 милијарди американски долари во 2021 година на 286 милијарди американски долари во 2023 година.

Лошата вест, во зависност од тоа каде живеете, е дека најголемиот дел од овие приходи најверојатно ќе бидат инвестирани во САД. Американските стартапи собираат околу половина од целокупното глобално VC финансирање, додека Европа и Велика Британија имаат среќа да видат едвај четвртина од овие фондови, и покрај фактот што Европа и Обединетото Кралство имаат нешто поголем удел во светскиот БДП од САД (17% наспроти 16%).

Ова помага да се објасни зошто водечките три американски технолошки фирми, Microsoft, Apple и Nvidia, вредат околу 7,5 трилиони (1018) американски долари, додека европските еквиваленти, ASML, SAP и Prosus, вредат околу 700 милијарди американски долари. Па, што може да се направи за да се промени оваа ситуација?

 

Предноста на Силиконската долина

Успехот на Силиконската долина може да се припише на низа фактори кои меѓусебно се преплетуваат и поддржуваат, од кои многу го засадиле своето семе пред неколку децении. Тие вклучуваат профитабилни владини договори, претприемачки универзитети во близина и акумулација на богатство и талент од технолошките гиганти како Apple, Nvidia и OpenAI. Овој вид на предност при стартувањето е тешко да се реплицира.

Американските инвеститори често вложуваат милиони долари во компании што се во релативно рана фаза, суми со кои другите екосистеми едноставно не можат да си ги дозволат. Но, стартапите обично прво треба да се покажат привлечни за клиентите, обично во форма на приходи од продажба или број на корисници. Ова е различно од технолошките инвестициски центри како Берлин и Шкотска, каде инвеститорите имаат тенденција да бараат само силен тим со идеја за да се смета дека стартапот има добар потенцијал за инвестирање. Истражувањето укажува дека ова може да биде подценетата причина за успехот на Силиконската долина.

По детални интервјуа со 63 претприемачи и инвеститори од Силиконската долина и Берлин, различните очекувања на инвеститорите се прилично очигледни. На пример, основачите на AirBnb со седиште во Сан Франциско морале да ги користат своите кредитни картички за да ја одржат компанијата во живот, па прибегнаале дури и кон продажба на пакувања од житарици пред конечно да обезбедат финансиска подлога за бизнисот.

Слична е и приказната на основачите на апликацијата за испорака на храна DoorDash, исто така со седиште во Сан Франциско, кои изградиле фулнкционален прототип и самите ги правеле испораките речиси половина година пред да ја подигнат првата рунда инвестиции во нивната компанија.

Ова е во целосна спротивност со европските екосистеми. Неодамнешните примери од Берлин го вклучуваат пазарот за јазични тутори HeyLama, кој обезбеди финансирање речиси веднаш по основањето. Во меѓувреме, стартапот за нега на домашни миленици Rex собра повеќе од 5 милиони американски долари во рок од неколку месеци по лансирањето.

А сепак, помеѓу 2020 и 2022 година, 44 милијарди американски долари биле инвестирани во зделки во рана фаза во Силиконската долина наспроти 5,8 милијарди американски долари во Берлин. Подеднакво, приближно 31% од САД, но само 19% од европските стартапи во почетна фаза напредуваат во следниот круг на собирање средства.

Ова не мора да значи дека компаниите што нема да собират последователни финансирања пропаѓаат, но може да помогне да се објасни зошто излезите на Силиконската долина изнесуваат, во просек, 403 милиони американски долари, наспроти само 53 милиони американски долари во Берлин.

Па, зошто не е случај американските стартапи да се мачат повеќе кога треба да исполнат повисоки очекувања за да се финансираат? И дали другите екосистеми можат да го фатат чекорот со усвојување на истата стратегија?

 

Долината на смртта

Патувањето на една бизнис идеја од нејзиниот зачеток до првичниот успех честопати се нарекува “минување низ долината на смртта“. Во овој период, стартапот треба да продолжи да го развива бизнисот, да го гради производот и да открие сигурен бизнис модел. Не постои план кој одговара на сите и многу компании пропаѓаат, дали затоа што идејата не е остварлива или затоа што остануваат без пари.

Преферираниот модел за финансирање на Силиконската долина за инвестирање во стартапи со првичен успех донекаде го намалува ризикот од неуспех за VC (ризичните инвеститори). Долгорочно, ова би требало да резултира со повеќе средства за реинвестирање во нови стартапи, што веројатно му помогнало на целиот екосистем да процвета. Има и придобивка за оние претприемачи кои можат да го одложат собирањето средства додека не покажат првичен успех, бидејќи стартапот најверојатно ќе вреди повеќе. Ова значи дека тие можат да добијат повеќе пари или да се откажат од помал процент од бизнисот.

Ова би значело дека европските стартап екосистеми треба да размислуваат за придвижување кон овој модел. Но, ова би имало и своја цена. Малку од претприемачите имаат доволно пари за да ја одржат компанијата на нејзиниот пат низ долината на смртта – а тој има тенденција да биде подолг и подлабок за најиновативните идеи. Ова е од особено проблем за претприемачите од недоволно застапените групи, како што се обесправените социоекономски средини, жените и имигрантите, кои се со помала веројатност да ги имаат потребните ресурси или врски. Така, усвојувањето на американскиот инвестициски праг може да го направи светот на стартапите уште понепристапен за нив.

За да ги добиете придобивките од американскиот систем без уштрб на различноста, треба да постојат структури за поддршка, како што се програмите со инкубатори и акцелератори, што ќе им помогнат на стартапите да го остварат првичниот успех. И покрај тоа, тие треба да бидат дизајнирани внимателно за да се осигура дека тие зрачат со кредибилитет и затоа ги помагаат – наместо да ги попречуваат – инкубираните компании да го обезбедат својот прв круг на инвестиции.

 

Преземено од The Conversation

Клучни зборови: