Една американска студија покажа дека кучињата од засолништата кои во нивниот бокс се сместени со добро избран придружник се помалку под стрес и побрзо се посвојуваат отколку кучињата кои се сместени сами.
„И покрај тоа што се социјален вид, кучињата честопати се сместуваат сами во засолништа за да се намали преносот на болести и можните повреди од конфликт помеѓу кучињата“, вели Ерика Фојербахер, вонреден професор на Техничкиот и на Државниот универзитет во Вирџинија, и автор на трудот објавен деновиве во PLoS ONE.
„Но, оваа социјална изолација може да биде на штета како на здравото однесување така и на посвојувањето на кучињата. Сакавме да испитаме дали сместувањето во парови може да биде корисна интервенција за подобрување на благосостојбата на кучињата во засолништата“.
Учесниците во истражувањето Мајти (напред) и Бо лешкаат заедно во кревет. Парот толку бил усогласен што кучињата избрале да спијат заедно на ист кревет иако истражувачите им обезбедиле две одделни легла во боксот
Студијата следела 61 куче во текот на една недела сместени во Humane Society of Western Montana. Половина од кучињата биле одгледувани сами, додека другата половина биле сместени во бокс со придружник со којшто биле усогласени преку кратко меѓусебно запознавање и тест за компатибилност.
Истражувачите ги забележале вообичаените стресни однесувања – како што се лижење на усни, цвилење и повлекување на ушите наназад – и секојдневно земале примероци од урина преку кои ги следеле нивоа на кортизол и на креатинин на кучињата со цел да ги измерат биолошките индикатори на стресот.
„Кучињата сместени во засолништа може да се соочат со хронични нивоа на стрес поради бучавата, тесниот затворен простор во боксот и ограничената можност за социјална интеракција“, вели Фојербахер. „Ова може да ја намали нивната севкупна благосостојба, што може да влијае на нивната посвојливост“.
Кучињата сместени заедно, во пар, покажале помалку стресни однесувања и биле посвојувани во просек 4 дена побрзо од кучињата што “живееле сами”.
„Многу од потенцијалните посвоители можеби веќе имаат куче или би сакале да се вклучат во социјални активности со своето куче“, вели Фојербахер. „Видливиот показател дека кучето може успешно да комуницира со други кучиња би можел да ги фаворизира тие кучиња како добри придружници – што доведува до поуспешни посвојувања“.