Еден медицински тим – широка соработка на повеќе универзитети во Кина, во нивниот труд што ќе биде објавен во Science of the Total Environment, известува дека откриле различни видови на микропластика во секој од примероците на семена течност собрана од вкупно 40 мажи избрани од општата популација.
Како што пишува и Гардијан, во примероците биле пронајдени вкупно осум различни видови на пластика. Притоа најзастапен бил полистиренот, којшто најчесто се користи за кутии или при пакуве, во вид на стиропор и CD футроли, пример. Полиетиленот од пластичните кеси бил втора најзастапена микрочестичка, по што следи PVC.
Ова не е добра вест. Сè повеќе докази укажуваат дека овие практично сеприсутни честици од микропластика се штетни за здравјето на луѓето и се чини дека се поврзани со низа биолошки проблеми, хормонски пореметувања и потенцијално намален број на сперматозоиди. Освен во човечките тестиси (и во она што тие го содрќат), честици од микропластика се откриени и во бели дробови, крв, во плацента, па дури и во човечкото мајчино млеко.
„Со оглед на тоа што обемен број истражувања сè повеќе укажуваат дека изложеноста на микропластика претставува потенцијален фактор што влијае врз човековото здравје, сметаме дека е неопходно да се разбере степенот на контаминација и нејзината поврзаност со репродуктивниот исход “, пишува тимот во нивната студија.
За жал, веста и не е баш шокантна, бидејќи во времето во кое живееме, сега, мошне тешко може да се најде место на нашата планета каде не се присутни траги од микропластика. Од најголемите океански длабочини до височините на Монт Еверест, токсичниот отпад е присутен насекаде во овој момент. Честопати незабележливи со голо око, честиците од микропластика може да навлезат во човечкото тело преку храната што ја јадеме, водата што ја пиеме, па дури и со едноставно вдушување на околниот воздух. Потребни се повеќе истражувања, но сите првични истражувања нудат докази дека честичките можат да предизвикаат воспаление на ткивата, и да придонесат за зголемен ризик од мозочен и срцев удар. А тука е и потенцијално специфичното влијание што тие го имаат врз мажите.
„На целата планета… околу 15% од паровите доживуваат неплодност, меѓу кои на неплодноста на машкиот фактор отпаѓаат 50% од случаите“, пишуваат истражувачите, додавајќи дека и машката неплодност продолжува да се зголемува заедно со тековното влошување на квалитетот на спермата.
Но, иако кај сѐ повеќе мажи е детектиран намален број на сперматозоиди или некој сличен проблем, „нарушената сперматогенеза останува неидентификувана кај околу 40% од мажите“. И благодарение на ваквите студии, станува сè поизвесно дека микропластиката можеби има врска со овој проблем.
Извор Popular Science