Рубрика: Биологија
Слоновите меѓусебно разговараат користејќи повици слични на име!
Објавено на 11.06.2024 - 15:30

Според една нова студија, објавена деновиве во Nature Ecology & Evolution, дивите африкански слонови од саваните, поточно видот Loxodonta africana, сосема извесно разговараат меѓу себе обраќајќи си се едни кон други исто како што тоа го прават луѓето – користејќи лични „имиња“.

Употребувајќи машинско учење истражувачите анализирале снимки од 469 повици, „трубења“ артикулирани од групи женки со младенчиња во Националниот парк Амбосели и Националните резервати Самбуру и Бафало Спрингс во Кенија, а снимени во периодот од 1986 до 2022 година.

Исто така, истражувачите преку звучник ги пуштале снимените повици кон слоновите и го мереле времето потребно за субјектот да пристапи, споредувајќи го тајмингот со контролен повик упатен до друг слон.

Нивниот модел правилно ја предвидел соодветната цел во 27,5% од анализираните повици, што според нив било над прагот на случаен настан. Слоновите, исто така, реагирале побурно, приближувајќи се значително побрзо и произведувајќи повеќе вокализации, како одговор на репродуцираните повици упатени до нив наспроти трубењата упатени до различен слон.

Две младенчиња на слон се поздравуваат едно со друго

Уште поважно, се чини дека слоновите не им се обраќаат на другите единки со имитирање на звуците што ги прават.

Личните имиња се своевидна гласна етикета што се однесува на друга личност“, пишуваат авторите.

Имињата мора да вклучуваат учење преку вокализација, бидејќи индивидуата не може да се роди со знаење на имињата на сите негови идни социјално поврзани единки. Така, овој не-човечки пандан за лични имиња е мошне битен за разбирање на еволуцијата на јазикот и сложената когниција".

Одредени видови на делфини (Tursiops truncatus) и на папагали (Eupsittula canicularis) им се обраќаат на единките од нивниот вид со имитирање на карактеристичен повик, звук којшто најчесто го произведува примачот за да го претстави сопствениот идентитет.

Нашите податоци укажуваат дека слоновите може да означат некого без притоа да се служат со имитација на повиците од примачот, феномен којшто досега беше познат дека се јавува само во човечки јазик.” “Нашето откритие на индивидуални гласовни ознаки кај вид што се одвоил од лозите на приматите и на китовите пред околу 90-100 милиони години нуди важна можност за проучување на конвергентната еволуција на невообичаено софистицираната комуникација“, велат научниците.

Клучни зборови:
Две младенчиња на слон се поздравуваат едно со друго

Две младенчиња на слон се поздравуваат едно со друго