Можеби сè уште не сме сфатиле, но интернетот можеби е мртов. Според една нова теорија, интернетот и социјалните мрежи повеќе не постојат – тие се заменети со содржина генерирана од вештачка интелигенција и лажни кориснички сметки на социјалните мрежи, кои манипулираат со јавното мислење. Вака работите ги објаснуваат група австралиски компјутерски инженери од Универзитетите во Сиднеј и Мелбурн, постулатори на теоријата позната како Теорија на мртов интернет (англ. Dead Internet Theory).
Што ова конкретно значи? Во суштина, се работи за надминување на критичниот праг над кој повеќе од 50% од содржината достапна на веб, вклучително и онаа од социјалните мрежи, била генерирана од ботови и автоматски софтвер управуван од ВИ, а со единствена цел: манипулирање на јавното мислење и ширење на дезинформации.
Теоријата е поткрепена пред сѐ со логика. Вештачката интелигенција може да создаде пишана содржина во неколку делови од секундата и да ја поврзе со ad hoc генерирани слики тргнувајќи од промт којшто исто така може да биде автоматизиран. Па оттаму лесно може да си ја претставиме брзината со која интернетот може да биде преплавен со автоматски генерирани материјали, имајќи предвид дека во просек се потребни едвај неколку минути за креирање објава на која и да е социјална мрежа. Од дрига страна, часови и часови вложен човечки труд бил посветен на продуцирањето на некоја истражувачка сторија или напис, време во кое вештачката интелигенција интелигенција веќе “изнедрила” илјадници и илјадници страници “чичка нови” оригинални содржини. А сето ова со цел да се генерираат што повеќе позитивни реакции кај корисниците кои со притискање на копчињата за „like“ ќе ја зголемат циркулацијата на истите содржини.
На страна логиката. Според авторите на студијата, можно е да се изведат емпириски докази што одат во прилог на нивната теза. Во таа насока тие спровеле едноставен експеримент, користејќи го еден од најновите вирални трендови на социјалните мрежи – поврзувањето на религиозната иконографија со најразлични апсурдни појави. Како дел од опитот информатичарите направиле пребарување на социјалните мрежи за слики во кои лицето на Исус било поврзано со својства на ракче (англ. shrimp). Како резултат на тоа добиле десетици надреални резултати (како сликата подолу), некои од нив придружени со илјадници и илјадници лајкови (дури над 20 000) и сите прикажани на страници што повеќе од очигледно биле управувани од ботови.
Она што е интересно е тоа што со спроведување на едно вакво пребарување на социјалните мрежи или на вебот, вие самите придонесувате за одржување на овој вирален феномен, движејќи го маѓепсаниот круг во кој вештачката интелигенција ги проучува содржините што се најбарани од корисниците и генерира уште повеќе резултати од ваков тип.
Целта на оваа мала игра, која сега се чини дека излегува од контрола, е повеќекратна: Произведените содржини генерираат „лајкови“, а со тоа и приходи од рекламирање и помагаат да се зголеми бројот на корисници кои следат одредена сметка. Иако добар дел од овие корисници се воглавно лажни, големиот број на следбеници ја “легитимизира” истата сметка во очите на оние реални корисници, кои потоа веќе не можат да ја разликуваат релевантноста на изворите.
Најголемиот проблем настанува кога овој механизам го користат политичарите, кои на располагање може да имаат вистинска медиумска воена машинерија со помош на која се способни да произведат илјадници лажни вести во едвај неколку минути, сѐ со цел да ги нападнат противниците и да ја рашират сопствената пропаганда. Ако ова сознание го ставиме во глобален контекст, во свет како денес во кој повеќето луѓе ги добиваат информациите од социјалните мрежи (што особено важи за помладите генерации), ситуацијата станува мошне загрижувачка.
Истражувачите известуваат дека само на X.com, во 2023 година биле откриени преку 10 000 сметки управувани од ВИ што на ширеле дезинформации за војната во Украина. За ваквите можности предупредување имаше и во 2018 година, пред воведувањето на ботовите на социјалните платформи – една американска студија предупреди за ризиците поврзани со нивната употреба во овој контекст.
За да се надмине проблемот, Илон Маск, сопственикот на X предложи воведување такса за регистрација за да се запре ширењето на таканаречените „ботовски фарми“, но мошне јасно е дека оној кој има средства лесно може да си дозволи и да плати со цел да продолжи со неговата дезинформативна активност. Единственото решение во моментов е да се потпреме на нашето образование и критичко расудување, да се извештиме во разликувањето на лажни содржини, што не е едноставен процес.
Извор The Conversation
П.С. Сликите за илустрација на овој текст се генерирани од вештачка интелигенција