Горниот модул од кинеската лунарна сонда Chang'e-6 денес, 4 јуни, успешно полета од далечната страна на Месечината, носејќи со себе примероци од лунарната почва што треба да се вратат на Земјата. Државната новинска агенција Ксинхуа, цитирајќи ја кинеската Национална вселенска агенција(CNSA), го опиша настанот како „невиден подвиг во историјата на човечкото истражување на Месечината“. А и не се далеку од вистината. Резултатот – во брзината на реализирање, е светски прв, и претставуа најнов пробив во повеќедецениската вселенска програма на Пекинг, која има за цел да испрати човечка мисија на Месечината до 2030 година.
По полетувањето, модулот влезе во однапред воспоставена орбита околу Месечината и во следните неколку часа материјалот собран на површината на Месечината ќе биде пренесен на леталото што ќе го донесе на Земјата.
Модулот Chang'e-6 слета на Месечината во недела на 2-ри јуни во огромниот басен на Јужниот Пол – Ајткен, еден од најголемите познати ударни кратери во Сончевиот систем. Мисијата, технички многу сложена, траеше вкупно 53 дена. Започна на 3 мај со главна задача да се соберат примероци од лунарниот материјал со два различни метода на собирање: со дупчење, за вадење примероци од под површината и со користење на роботска рака за собирање на примероци од реголит, површината.
По успешното собирање на примероците, на далечната страна на Месечината за прв пат се развиори кинеското национално знаме што го носеше лендерот. Научниците велат дека далечната страна на Месечината е мошне ветувачка за истражување бидејќи нејзините кратери имаат помала покриеност од древните текови од лава споредено со видливата страна, па така се очекува дека со истражување на оваа ќе се дознае повеќе за раѓањето и раната историја на нашиот сателит.
Она што се случува во последните години на полето на кинеското вселенско истражување е дел од „вселенскиот сон“ на земјата чии планови беа забрзани за време на претседателствувањето на Кси Џинпинг. Во текот на изминатата деценија, Пекинг инвестираше значителни ресурси во својата вселенска програма, стремејќи се кон низа амбициозни иницијативи во обид да се премости јазот што ги дели од постигнувањата на двете традиционални вселенски велесили – Соединетите Американски Држави и Русија.
Кина постигна бројни забележителни достигнувања, вклучително и изградба на вселенска станица наречена Тиангонг, или „небесната палата“, како и слетување на роботски ровери на Марс и на Месечината, и е трета земја што независно ги стави мажите и жените во орбитата.
Кина има за цел да испрати човечка мисија на Месечината до 2030 година, а планира да изгради и месечева база која не само што длабински ќе ја проучува историјата на сателитот, туку ќе започне и со екстракција на корисни минерали што ќе се користат на Земјата.