Во 2019 година, една студија предизвика голема сензација со тврдењето дека таканаречениот „кучешки поглед“ е релативно неодамнешна и ексклузивна иновација на кучињата, која веројатно еволуирала паралелно со припитомувањето, со цел да се задоволи, или трогне, нивниот човечки господар. Но, една нова студија се чини дека го негира овој наод...
Студијата објавена во The Anatomical Record, демонстрира дека домашните кучиња не се единствените од нивното пошироко семејство Canidae кои поседуваат развиени експресивни мускули околу очите. Оваа карактеристика е забележана и кај африканските диви кучиња, а мошне веројатно експресивните очи можат да се најдат и кај други припадници од видот кучиња.
Студијата од 2019 година застапуваше став дека споредено со волците, домашните кучиња имаат поразвиени мускули околу очите, што резултира со поширок опсег на можни изрази на лицето. Според авторите, оваа карактеристика се развила во последните 40 000 години, откако човекот почнал да ги припитомува кучињата, и таа била еволутивен одговор на потребата за брзо и ефективно комуницирање со луѓето.
Меѓутоа, новата студија детално ги анализирала мускулите на лицето на дивите кучиња, откривајќи дека тие ги поседуваат истите мускули како нивните питоми роднини и што е исто интересно, овие мускули се подеднакво развиени. Со други зборови, дури и дивите кучиња можат да „ве гледаат како кутре“ ако тоа го посакаат.
Останува фактот дека волците, видот најблизок до кучињата, немаат подеднакво развиени мускули на лицето. Зошто тогаш домашните кучиња и дивите кучиња ја развиле оваа карактеристика? Според авторите, станува збор за опстанок и социјалност. Дивите кучиња живеат во глутници и во саваната мора да комуницираат дури и од големи далечини. Поседувањето на поширок опсег на изрази на лицето може да им помогне полесно да си ги пренесуваат пораки едни на други.
Волците, од друга страна, живеат (и ловат) во шуми или во услови на слаба видливост и затоа развиле други методи на комуникација, како мириси или вокализации. Следниот чекор за тимот ќе биде да ја анализира анатомијата на лицето на другите припадници од видот кучиња, да види дали и тие се способни за експресивен “кучешки поглед” и дали поседувањето или отсуството на оваа карактеристика има врска со нивното живеалиште и нивните комуникациски потреби.