Рубрика: Омнибус
Природно-математичкиот факултет од Скопје и ЕМИТЕР потпишаа договор за соработка
Објавено на 23.05.2024 - 16:45

ПМФ – Скопје и списанието за наука и техника ЕМИТЕР воспоставија соработка за унапредување на научно-техничката култура и едукација. Притоа е обезбедена групна претплата на електронското издание на ЕМИТЕР во која, покрај броевите од следната година, се вклучени и броевите од претходните 10 години (заклучно со 2014 г.).

Пристапот е овозможен преку интернет мрежите на ПМФ наменети за студентите, поточно од повеќе мрежни локации на факултетот: Амфитеатар хемија, Библиотека на институтот за хемија и холот на прв кат долна зграда, Компјутерска училница на математика број 145 и ходникот пред училната, Библиотека на институт за ИЕА и холот на приземје (долна зграда), Компјутерска училница на институтот за географија и ходникот пред училната, Амфитеатар и хол на 3-ти спрат горна зграда / нов дел, Горна зграда / Прв кат - ходник физика, Голем физички амфитеатар и холот на приземје горна зграда / стар објект.

Со ова ЕМИТЕР се стекна со нови 1500 читатели, а студентите со вредна дополнителна литература при студирањето, особено за вежбите, практичните проекти, семинарските и дипломските трудови. Прет­платата исто­вре­мено претс­та­­вува и директна под­дршка за работата на ЕМИТЕР, сигнал дека ПМФ – Скопје ја чувству­ва по­т­ребата за неформално дополнување на об­­разова­нието на своите студенти и ја под­држува едукативната, информа­тивна­та и науч­но-популарната мисија на списанието.

Исто така, напоменуваме дека списанието ЕМИТЕР е отворено за соработка во насока на објавување на информации за активностите на ПМФ, како и со објавување на дипломски и семинарски работи од студентите и стручни трудови од наставниците. Списанието ЕМИТЕР е индексирано во НУБ “Климент Охридски“ и секој објавен напис ќе биде запишан во базите на НУБ како научно-популарен, стручен или научен труд на авторите.

Клучни зборови: