Во 2023 година, името или ознаката (кој како милува) на една егзопланета стана светска сензација поради тоа што набљудувањата направени со вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) укажуваа кон тоа дека планетата има т.н. биопотпис – знаци дека во составот на нејзината атмосфера постои гас што е произведен од “живот”. Но, една нова студија објавена во Astrophysical Journal Letters најде “дупки” во оваа хипотеза...
K2-18b е планета која орбитира околу ѕвезда оддалечена повеќе од 110 светлосни години од Земјата. Планетата е сместена во т.н. Goldilocks зона. Ова значи дека нејзината орбита се совпаѓа со ограничениот појас околу матичната ѕвезда којшто се простира на растојание што не е ниту премногу студено ниту претопло и може да одржува течна вода. Планетата беше откриена во 2015 година од вселенскиот телескоп Кеплер, но поновите набљудувања од JWST помогнаа да се идентификува атмосферскиот состав на планетата.
Атмосферата на K2-18b се состои воглавно од водород, за разлика од атмосферата на Земјата во чијшто состав доминантен гасовит елемент е азотот. Според тоа, се верува дека се работи за т.н. хикеанска планета (Hycean planet), тоа е свет со атмосфера во која доминантен елемент е водородот и со океани од вода.
Уметнички приказ за тоа како би изгледал еден хикеански свет
Но, она што лани го возбуди тимот од Универзитетот во Кембриџ беше присуството на некои други гасови. Имено, тогаш астрономите објавија дека податоците од JWST покажале траги од метан и јаглерод диоксид, елементи поврзани со неколку различни процеси, вклучувајќи го и животот на Земјата. А возбудата се зголеми откако беа забележани и можни траги од диметил сулфид или ДМС. Оваа молекула е присутна во атмосферата на Земјата, а ја произведува фитопланктон.
„ДМС сигналот од телескопот Веб не беше многу силен и се покажуваше само кога податоците се анализираа на одредени начини“, вели астрономот Шанг-Мин Цаи од Универзитетот во Калифорнија во Риверсајд (UCR), кој воедно е и главен автор на новиот труд. „Сакавме да дознаеме дали можеме да сме сигурни во она што изгледаше како навестување на ДМС“.
Сензационалните спектрoграми на K2-18b, добиени со инструментите на JWST, кои прикажуваат изобилство на метан и јаглерод диоксид во атмосферата на егзопланетата, и можни траги од диметил сулфид
За жал, компјутерското моделирање спроведено од UCR укажува дека минатогодишната сензација дека телескопот JWST пронашол на можни знаци за живот на K2-18b, можеби е погрешна.
„Сигналот силно се преклопува со оној од метанот и сметаме дека изборот на ДМС од метан е надвор од можностите на овој инструмент“, вели Цаи.
За откривање на ДМС на некоја егзопланета со помош на сегашните инструменти, па дури и со софистицираните уреди што ги поседува досега најмоќниот телескоп JWST, астрономите пресметале дека овој гас треба да го има во најмалку 20 пати пообилни количини отколку што е тоа на Земјата.
„Најдобрите биопотписи од една егзопланетата може значително да се разликуваат од оние што ги наоѓаме како најзастапени на Земјата денес“, вели постариот автор и астробиолог на UCR, Еди Швитерман. „На планета со атмосфера богата со водород, можеби е поголема веројатноста да најдеме ДМС создаден од [некоја форма на] живот наместо кислород продуциран од растенија и бактерии како што тоа е случај на Земјата“.