Еден меѓународен проект сака да ги објави сите органски соединенија присутни во храната што ја јадеме. Целта е подобрување на здравјето и безбедноста на храната.
Што се готви? Како одговор на ова прашање би можеле да ја наведеме секоја од состојките што сме ја употребиле во приготвувањето на јадењето, веројатно и добар дел од макронутриентите: јаглени хидрати, протеини, липиди... Но, ако треба да навлезаме уште подетално во составот на оброкот, веројатно ќе се изнамачиме пред да одговориме, ако воопшто и можеме.
Всушност, точни табели за најмалите биомолекули (како што се витамини, есенцијални минерали, хормони) што се содржани во храната што ја јадеме и не постојат. Се проценува дека од околу 26 000 биомолекули што се содржат во јадливите видови на планетата, едвај 150 се правилно класифицирани во базите на податоци кои го анализираат составот на храната. Оттука и потекнува меѓународната иницијатива на научните експерти за исхрана за создавање на периодниот систем на храната(Periodic Table of Food Initiative - PTFI) – алатка слична на добро познатиот табеларен приказ на Менделеев со којшто се претставени хемиските елементи. Но, овој нов табеларен приказ ќе содржи информации за молекуларниот состав на храната и така тие ќе станат јавно достапни.
Иницијативата за периоден систем за храната (PTFI) ги користи најнапредните техники за анализа на супстанции (како масена спектрометрија, на пример) за да создаде платформа со отворен пристап што ги олеснува молекуларните студии на поединечна храна. На пример, сливата, се состои од 75% вода, содржи аланин, лизин, аспарагинска киселина... – сите аминокиселини фундаментални за синтеза на протеини.
Состав на сливата
Иницијативата за главни партнери ги има Американското здружение за срцеви заболувања (American Heart Association), Биоверзити Интернашнал (Bioversity International) и Меѓународниот центар за тропско земјоделство (International Center for Tropical Agriculture), и добива важна финансиска поддршка од Фондацијата Рокфелер (Rockefeller Foundation). Исто така во неа учество земаат и повеќе универзитети и непрофитни организации. Главната цел е, преку знаење, да се подобри безбедноста на храната и нутритивниот квалитет на нашата исхрана.
Засега се собрани податоци за приближно 500 намирници, а идентификувани се уште 1650 кои ќе бидат анализирани како приоритет. Меѓу нив има растенија, производи од животинско потекло, габи, водни видови, ферментирани состојки и други видови храна кои претставуваат најчесто консумирани и културолошки најважни јадења за населението, според комисијата која во својот состав обединува земјоделски истражувачи, биохемичари, нутриционисти, активисти и етноботанички експерти од целиот свет.
Од анализата на микронутриентите на сите овие намирници, може да се забележи, на пример, како климатските промени и потпирањето на модерната исхрана на неколку видови со многу високи приноси ја осиромашуваат хранливата вредност на храната. Особено внимание ќе се посвети на помалку познатите автохтони култури, но посоодветни за одгледување во локалните климатски услови и кои се поцелосни и со поголема енергетска вредност од добар дел на комерцијалните намирници.
Со нејзино пополнување, табелата ќе ни овозможи да ја споредиме хранливата вредност на храната произведена на различни места и со различни техники, со цел да обезбедиме побогата, супстанцијална, поздрава и поодржлива храна за растечката популација.