Со одржувањето на големото финале во просториите на ФЕИТ во саботата се спуштија завесите на овогодинешниот натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција – Робомак 2024. Малку поскромно од некои минати изданија, но ова не значи дека е и помалку вредно.
На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Учесниците се натпреваруваа во пет категории: Robotic Arm Challenge, Sence the Color – Select the Line, AI Football, The ChatBot Challenge и Self-Racing Cars.
Во категоријата Robotic Arm Challenge секој тим имаше задача да изгради кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените. Победници во оваа категорија беа Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска.
Во втората категорија, Sence the Color – Select the Line, учесниците имаа за цел да дизајнираат минибот/автономно возило кое со помош на сензорите ќе се движи по однапред утврдена патека, исцртана со линија, изминувајќи успешно пет круга. Пред секој круг, на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото, беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на боите и со застанување на возилото во зоната на маркерот.
Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот Self-racing cars, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови, а која припаѓаше на тимот во состав Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.
Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот ЏетБот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препозанвање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустички средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија беа студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.
Категоријата AI Football понуди вистински фудбалски натпревар помеѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата беа: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.
Како се одвиваше велиот натпревар може да погледнете на видеото во прилог
Како и секоја година така и сега, организатори на RoboMac 2024 беа Македонската секција на ИЕЕЕ (IEEE – The Institute for Еlectrical and Еlectronics Еnginеers), преку нејзиниот студентски огранок при УКИМ и Факултетот за електротехника и информациски технологии, во коорганизација со Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.