Истражувачите пронајдоа геолошки запис стар 3,7 милијарди години за магнетното поле на Земјата, обезбедувајќи ја најстарата проценка за неговата сила добиена од цели примероци од карпи. Според научниците ова е важен исчекор во обидите да се одреди улогата на магнетното поле при појавата на животот на Земјата.
Анализата проценува дека магнетното поле на планетата во тоа време било неверојатно слично со она што денес ја опкружува Земјата. Древното магнетно поле било со јачина од 15 микротесла, наспроти со модерното 30 микротесла. Анализите на примероците од цели карпи, кои обезбедуваат попрецизна и посигурна проценка од претходните студии кои користеле поединечни кристали, се детално опишани во трудот објавен во Journal of Geophysical Research.
„Извлекувањето веродостојни записи од вака стари карпи претставува исклучителен предизвик, и навистина беше возбудливо да се видат примарните магнетни сигнали што почнаа да се појавуваат кога ги анализиравме овие примероци во лабораторијата“, вели Клер Николс, вонреден професор по геологија на планетарни процеси на Универзитетот во Оксфорд.
Примероци од на цврста карпа земени со дупчење на внатрешноста на појасот Исуа, Гренланд. Од овие примероци, во Лабораторијата за палеомагентизам на МИТ, биле “прочитани” древните записи за магнетното поле на Земјата. Фото: Клер Николс
Магнетното поле е од суштинско значење за животот на Земјата. Тоа функционира како своевиден невидлив штит кој нè штити од штетното космичко зрачење преку пренасочување на повеќето наелектризирани честички околу Земјата. Toa се генерира од електричните струи кои се формираат од конвектните „геодинамо“ струи во надворешното течно железно јадро на Земјата. Имено, се смета дека цврстото внатрешно јадро се формирало дури по околу милијарда години од раното формирање на Земјата, така што остануваат многу прашања во врска со раното магнетно поле.
Палеогеолозите можат да ги реконструираат информациите за магнетното поле од минатото со помош на некои силно магнетни минерали, особено со испитување на железните оксиди, бидејќи и силата и насоката на полето можат да останат втиснати во железните честички додека тие се кристализираат. Но, реконструкцијата на магнетното поле досега се соочувала со значителни предизвици бидејќи последователните геолошки настани што ги загреваат карпите можат да ги изменат овие зачувани сигнали.
Во оваа студија, истражувачкиот тим испитувал примероци од супракрасталниот појас Исуа (Isua Supracrustal Belt) во Гренланд, кој е позициониран врз густа континентална кора којашто го штити од обемна тектонска активност и деформација. Ова им овозможило на истражувачите да дојдат до докази кои одат во прилог на постоењето на магнетното поле пред 3,7 милијарди години. Истражувачите велат дека резултатите укажуваат дека механизмот што го поттикнал раното динамо на Земјата бил со слична ефикасност за процесот на стврднување што го генерира денешното магнетно поле на Земјата.