2022 година беше ужасна година за отстранување на е-отпадот и ништо не нè наведува да мислиме дека во 2023 сме можеле да поминеме подобро. Имено, податоците за лани допрва ќе бидат објавени во некој од наредните месеци. Според најновите проценки на ОН, пред две години светот неправилно отстранил рекордно големо количество на паметни телефони, телевизори и други електронски уреди, што значително придонесе за растот на загадувањето на глобално ниво.
Станува збор за 62 милиони тони отпад, но најзагрижувачки е фактот што помалку од четвртина од него е рециклирана. Тоа значи дека повеќе од 45 милиони тони тешки метали, пластика и отровни хемикалии се фрлени во депониите и испуштени во животната средина, предизвикувајќи вистинска „еколошка катастрофа“. Токму овој термин го користи Кес Балде, главен автор на Global E-waste Monitor (извештај за состојбата со електронскиот отпад) нарачан од Обединетите нации. Очигледно, од ваквата состојба најголеми се ризиците по здравјето, особено за жителите на најсиромашните земји каде се испраќа добар дел од електронскиот отпад за да се отстрани од побогатите.
Ретките и скапоцени елементи што нема да се извлечат од електронскиот отпад за да се реупотребат, ќе треба да се ископаат од друго место, по голема еколошка цена
Она што бројката ја прави уште пофрапантна е тоа што овој „отпад“ не е безвреден. Далеку од тоа. Студијата на ОН проценува дека околу 91 милијарда долари можеле да се добијат од металите и чиповите што се содржат во него. А сепак, помалку од една четвртина од вкупниот е-отпад се обновува правилно, додека остатокот се губи со согорување, депонирање или неправилно рециклирање на технолошкиот отпад. А сценаријата за иднината секако не се розови. Според она што е напишано во извештајот, овие бројки се предодредени да растат бидејќи побарувачката за нови технологии од типот на соларни панели или електрични возила расте и го надминува глобалниот капацитет за рециклирање на сите производи од кои ќе треба да се ослободиме за да се направи место за новите уреди што ќе ги користиме.
Во Република Македонија, ракувањето со електронскиот отпад – неговото собирање, одлагање и рециклирање, се регулирани со закон во која се дефинирани улогите на секој од клучните играчи: производителот, трговецот, крајниот купувач и овластените компании за управување со електронски отпад. “Собирањето, како и транспортот на собраната отпадната опрема се врши на начин со кој ќе се овозможи, поголем обем на предавање за подготовка за повторна употреба на цел производ, повторна употреба на делови од отпадната опремата, преработка и рециклирање како и во најголема можна мера да овозможи извлекување на опасните супстанции”, се вели во една од точките од законот. Притоа националните цели за собирање на отпадната опрема (од просечната маса на опремата пуштена на пазарот во Република Македонија во претходните три години) се прокетирани за 35% за оваа 2024 година, а за секоја наредна година оваа проекција се зголемува за 5%-10%, завршувајќи со проектирани 65% за 2028 година. Повеќе за законската регулатива и зацртаните цели може да дознаете тука.
Тука нема да навлеземе како се собира е-отпадот кај нас, знаеме дека има повеќе компании што се овластени и се бават со собирање и ракување со електронски отпад во Македонија. Дел од нив бесплатно го подигаат овој вид отпад од вашиот дом, само треба и да им се јавите и да се договорите. Ќе преминеме кон делот како овој специфичен отпад се рециклира ако се почитуваат сите правила и прописи.
Откако правилно ќе се испорача и собере, отпадот се испраќа во пречистителни станици. Тука ОЕЕО се дели според типот, се двојат компонентите што може да се обновуваат (кабли, пластика, електрични отпорници, благородни метали) и се деконтаминираат од масла, гас, жива, фосфор и други опасни материјали. Откако ќе се отстранат штетните елементи, остатоците се дробат, а црните минерали се одвојуваат од другите метали со помош на магнетни сепаратори и уреди со индуцирана струја. Некои од овие обновени супстанции на крајот пак ќе се рециклираат, додека другите ќе бидат правилно отстранети.