Дали Бетовен бил предодреден да стане музички гениј? Ако се суди според неговите гени, веројатно не. Имено, анализата на Бетовеновата ДНК објавена во Current Biology укажува дека тој имал лоша генетска предиспозиција за одржување на ритам, што е клучна способност за еден композитор. Студијата отвора дискусија за тоа колку генетскиот профил (сам по себе) може да се употребува за да се разбере дали една личност која живеела во минатото или, пак, некое новороденче имале или се предодредени да имаат талент во одредена дисциплина.
Да се разбере до кој степен генетиката влијае за манифестација на некои исклучителни способности е предизвик со кој денес полесно може да се соочиме, со употреба на современите техники за молекуларна анализа што овозможуваат анализа на ДНК дури и на луѓе кои со векови не се меѓу нас. Бетовеновата ДНК била извлечена од едно од влакната на музичарот и била секвенционирана во студија од 2023 година, при што, меѓу другото, било откриено дека славниот композитор имал предиспозиција за заболување на црниот дроб и инфекција со хепатитис Б. Сега група истражувачи од Медицинскиот центар при Универзитетот Вандербилт во Нешвил, Тенеси (САД) ги искористија овие генетски податоци за да ја истражат неговата генетска предиспозиција кон музиката.
Статуи од Бетовен како дел од уметничка инсталација во неговиот роден град Бон
Тимот го пресметал „полигенскиот резултат“, т.е. индекс што ја агрегира предиктивната моќ на многуте генетски варијанти за одредена карактеристика што се проучува, во случајов способноста да се одржува тактот на музиката, способност што едно големо генетско истражување неодамна ја поврза со одредени локуси (позиции) на 69 различни гени. Полигенскиот резултат на Бетовен бил споредуван со оној од две различни популации на илјадници современици чијшто музички талент бил познат.
„Интересно е што Бетовен, еден од најславните музичари во историјата, имал незначителен полигенски резултат за општа музикалност, во споредба со примероците од популацијата од шведскиот институт Каролинска и базата на податоци BioVU на Вандербилт“, вели Тара Хенехович, еден од авторите на студијата. За Бетовен, индексот што бил разгледуван го става во деветтиот перцентил од примерокот на шведската популација и во единаесеттиот на американската база на податоци. Да се биде во деветтиот перцентил значи дека 9% од населението има понизок полигенски резултат и 91% поголем!
Но, ова не значи и дека музичките дарби на Бетовен не биле исклучителни, ниту пак дека генетиката не игра никаква улога во одредувањето на способностите на ова поле. Минатите истражувања на близнаци всушност покажале дека капацитетот за музика има просечна наследност од 42%. Секако, претходно треба да се договориме што точно се подразбира под капацитет за музика. И притоа во пресметките да ја дознаеме и важноста на другите променливи, како што е средината во која растете или вашата посветеност на некоја активност.
„Наша цел беше да го искористиме овој случај како пример за проблематичната природа на правење генетски предвидувања за поединец кој живеел пред повеќе од 200 години“, коментира Хенехович. „Несовпаѓањето помеѓу предвидувањата засновани на ДНК и музичкиот гениј на Бетовен е добра лекција, бидејќи покажува дека ДНК тестовите не можат да утврдат дали одредено дете ќе биде музички надарено“.