Во Англија еден човек беше осуден на 66 недели затвор, откако се изјаснил за виновен за вршење на сајберфлешинг. Николас Хокс е првиот човек осуден за ова кривично дело според Законот за безбедност на Интернет во Англија. Сајберфлеширањето (испраќање на несакани фотографии од гениталии) бешe забрането во Англија и Велс со закон, почнувајќи од 31 јануари оваа година.
„Сајберфлеширањето е сериозно кривично дело кое остава трајни последици врз жртвите, но мошне често може да се отфрли како безопасна „шега“ или досетка“, вели обвинителката Хана фон Даделзсен во изјавата. „Како што оние кои извршуваат непристојна изложеност во физичкиот свет можат да очекуваат соочување со последици, истото важи и за престапниците кои ги извршуваат своите злосторства преку Интернет – затскривањето зад екран нема да ве сокрие од законот“.
Регистрираниот сексуален престапник Хокс, од Базилдон, Есекс, признал дека на почетокот на февруари испратил фотографија од неговите гениталии на 15-годишно девојче и на една жена. Жената направила скриншот од сликата и го пријавила случајот во полиција. Според Законот за сексуални престапи, жртвите на сајберфлешинг во Англија стекнуваат право на доживотна анонимност по пријавување на престап од овој вид.
Хокс на 12 февруари се изјаснил за виновен по две точки од обвинението: за испраќање фотографија или видео од гениталии со цел предизвикување на вознемиреност, страв или понижување. Тој бил задржан во притвор до изрекувањето на пресудата. Хокс бил осуден на една година затвор за случајот во кој извршил сајберфлеширање и дополнителни 14 недели за прекршување на претходна условна пресуда. Имено, минатата година тој бил осуден за изложување и сексуална активност со дете помладо од 16 години, при што бил осуден на условна казна.
И другите правни ентитети во Велика Британија имаат слични закони против сајберфлеширање. Шкотска го забрани во 2010 година, додека Северна Ирска го следеше нејзиниот пример минатата година. Сингапур го прогласи за сајберфлеширањето за кривично дело во 2019 година, додека практиката е нелегална и во некои делови на Австралија. И други држави презеле правни мерки против појавата на сајберфлеширање, тука вклучувајќи ги и американските сојузни држави Калифорнија, Вирџинија и Тексас.