Иако се смета дека дијамантот е еден од најцврстите материјали, што се должи на неговата тетраедрална решетка, која претставува неверојатно цврста структура на честички, експертите открија начин како да го трансформираат во нешто уште поцврсто. Имено, група физичари од САД и Шведска симулирале материјал за кој се верува дека е 30% поотпорен на компресија споредено со дијамантите.
Со помош на суперкомпјутер тие направиле квантно точни симулации на молекуларната динамика, за да тестираат како дијамантот се однесува под висок притисок и на температури кои теоретски би требало да го направат нестабилен. Добиените резултати открија дека при одредени услови јаглеродните атоми во дијамантите може да создадат необична структура.
Овој скапоцен камен е природна супстанција – збир од јаглеродни кристали. Го има на повеќе места на нашата планета, а некои истражувања предлагаат дека „фонтани од дијаманти“ бликнувале до површината на Земјата при некои големи геолошки настани.
Конфигурацијата е позната како коцкест или изометриски кристален систем (body-centred cubic) со осум атоми (BC8) и е забележана на Земјата само во два други материјала – силициум и германиум.
На Земјата, во природата не постои јаглеродна BC8 фаза, но се смета дека таа може да постои во вселената, во средини под висок притисок во внатрешноста на некои егзопланети.
Обидите да се синтетизира оваа структура сè уште се неуспешни, и покрај теоретската поткрепа којашто вели дека добивањето на ваков материјал е возможно. Ова се должи на ограничениот тесен опсег на температура и притисок под којшто е возможно да настане фазата BC8. За жал, овој опсег е сѐ уште непознат.
* * *
Бонус видео