Хиперактивност, слаба концентрација, импулсивност: ова се некои од типичните показатели за нарушувањето хиперактивност со недостаток на внимание, познато и по кратенката АДХД (Attention-deficit/hyperactivity disorder). АДХД денес се перцепира како негативна особина, а во многу околности лицата што ја поседуваат се во неповолна положба. Но, тоа не било секогаш така, се тврди во една студија објавена неодамна во Proceedings of The Royal Society B. Имено, студијата гледа на распространетоста на АДХД како на карактеристика што се развила еволутивно за да овозможи одредена адаптибилна предност. Поконкретно, се чини дека истите овие однесувања помагале во потрагата по храна кога нашите предци одејќи поминувале огромни пространства.
АДХД е невро-развојно нарушување кое вообичаено се дијагностицира уште во детството и кое се манифестира и понатаму во зрелоста. Симптомите вклучуваат проблеми со контролирање на импулсивното однесување, прекумерна живост, краток опсег на внимание, тешкотии во завршување на некоја задача до крај, нетрпеливост. Овие особини можат да бидат изразени и да имаат лоши последици во развојот, социјалните односи и за академските перформанси.
Дејвид Барак и неговите колеги од Универзитетот во Пенсилванија (САД) тргнале од размислувањето дека растројството АДХД е многу пораспространето од она што би можело да се очекува од случајно настаната генетска мутација и дека особините од типот импулсивност и расеаност се среќаваат мошне често иако тие не носат некоја предност во денешното општество.
Во своето истражување, научниците побарале од 457 возрасни лица да учествуваат во онлајн игра во која во текот на 8 минути требале да соберат што е можно повеќе бобинки од одреден тип грмушки. Бројот на плодови присутни на грмушките се намалувал со секој клик врз растението: затоа учесниците требале да одлучат дали ќе истраат во потрагата на истата грмушка и подобро да се сконцентрираат или дали да започнат потрага на друго место, но по цена на губење време.
Истовремено, преку прашалници, тимот направил проценка на учесниците барајќи симптоми конзистентни со АДХД (проценка која, како што истакнуваат истражувачите, не е ни оддалеку споредлива со поставување на дијагноза), наоѓајќи ги кај 206 луѓе. Оние кои добиле повисоки оценки на скалата за рејтинг на АДХД, во играта почесто ги менувале грмушките, напуштајќи ја тековната во потрага по друго “наоѓалиште”. Генерално, тие кои ја користеле оваа стратегија собрале повеќе виртуелни бобинки и освоиле повеќе поени.
Наодите се компатибилни со резултатите од претходните истражувања, кои откриле гени поврзани со АДХД кај номадските популации чијшто живот се состои од постојано истражување. Други научници веруваат дека особините што вообичаено се хендикеп а се вообичаено поврзани со АДХД може да им помогнат на луѓето да се справат со ситуации каде е потребна физичка активност и способност за носење брзи одлуки.