Технологијата на вештачка интелигенција го поттикнува порастот на финансиските измами и кибер криминалот, предупреди Интерпол. Софистицираните измами и синџири за трговија со луѓе ги искористуваат криптовалутите и социјалниот инженеринг за да украдат милијарди. Интерпол рече дека е потребна итна глобална акција за борба против оваа растечка закана.
Во својата најнова проценка за глобалниот кибер криминал и финансиските измами, Интерпол предупреди на растечката закана од софистицираните криминални операции со помош на технологијата за вештачка интелигенција.
Појавата на вештачка интелигенција (ВИ), големи јазични модели, криптовалути и модели на измама засновани на услуги (како фишинг и откупнина), го поттикнуваат порастот на криминалните активности ширум светот.
Напредните технологии им овозможија на организираните криминални групи да вршат професионални и сложени измами со минимална техничка експертиза и трошоци, коишто претходно беа неопходни. Појавата на малициозни чат-ботови со вештачка интелигенција како WormGPT и FraudGPT се некои примери.
Извештајот го нагласува проширувањето на мрежите за трговија со луѓе вклучени во операциите на центрите за повици, особено во извршувањето на хибридни измами, како што се таканаречените „pig-butchering“ (касапење свињи) шеми, кои комбинираат елементи на романса и инвестициски крипто измами.
Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток, изрази загриженост поради епидемијата на финансиски измами, истакнувајќи го нивното разорно влијание врз поединци, бизниси, па дури и влади. Тој ја истакна итната потреба од координирана акција за затворање на постоечките дупки, подобрување на механизмите за споделување информации и поттикнување глобален одговор за борба против оваа закана.
Клучните наоди од извештајот ја нагласуваат распространетоста на финансиските измами, со доминантни трендови, тука вклучувајќи ги инвестициските измами, измамите со авансни уплати, романтични измами и компромитирање на деловна е-пошта. Вообичаено финансиските измами вклучуваат мрежи од соучесници, кои варираат од високо организирани до слабо поврзани групи.
Интерпол се залага за воспоставување на јавно-приватно партнерство за следење и враќање на изгубените средства.
Од лансирањето на Глобалниот платен механизам за брза интервенција (I-GRIP) на Интерпол во 2022 година, пресретнати се повеќе од 500 милиони долари приходи од криминал, првенствено стекнати со кибер измами.
Извештајот, исто така, ги разгледа регионалните трендови и откри дека инвестициските интернет измами и шеми за фишинг насочени кон одредени поединци и искористувањето на апликациите за мобилни телефони, ескалираат во Европа. Криминалните мрежи имаат софистициран оперативен модел, честопати комбинирајќи неколку видови на измами.