62-годишниот Германец кој од „лични причини“ решил да се вакцинира 217 пати против ковид, поминал низ бизарното искуство без да пријави несакани ефекти и без ослабен имунолошки систем. Неговиот случај, опишан неодамна во една статија во Lancet Infectious Diseases, е интересен за сите оние кои ги проучуваат ефектите од прекумерната имунизација.
Вакцините содржат неинфективни фрагменти од патоген т.е. антигени или „инструкции“ за тоа како самото тело да ги создаде. Имено, откако имунолошкиот систем ќе дојде во контакт со антигените, тој учи како да ги препознае и да ги сузбие, на овој начин подготвувајќи се за борба со вистинските патогени во случај на идни инфекции. Но, што се случува ако телото е многу често изложено на одредени антигени, како во случајот со прекумерната изложеност на вакцина?
Некои научници стравуваат дека овој премногу чест контакт може да има контрапродуктивен ефект со слабеење на имунолошкиот систем. Нешто слично на она што се случува во одредени ситуации на хронична изложеност на патогени, како кај луѓето со ХИВ, на пример: „Постојат индикации дека некои типови на имуни клетки, Т-лимфоцитите, се заморуваат и како последица на тоа ослободуваат помалку проинфламаторни супстанции гласници“ објаснува Килијан Шобер од Институтот за микробиологија при Универзитетот во Ерланген, Германија, кој е коавтор на студијата.
Овој ефект може да предизвика имунолошка толеранција, што значи помалку ефективен одговор на телото кон патогенот против којшто треба да се бори. Токму овој аргумент го користеа одредени научници во дискусиите за тоа колку често треба да се даваат бустер-вакцините против ковид.
Приказната за човекот што се “изнабустирал” стигнала до научниците преку новинарските извештаите . Имено, пациентот бил под истрага за измама затоа што добил пристап до 130 вакцини во текот на девет месеци, иако официјални обвиненија никогаш не биле поднесени. 62-годишникот доброволно се согласил да му се направат серија тестови во истражувачки цели, а покрај веќе познатата бројка на примени вакцини, пријавил дека примил уште 87 дози – што значи дека примил вкупно 217 вакцини и бустери против ковид од осум различни типови во текот на 29 месеци!
Човекот не пријавил никакви несакани ефекти ниту пак клиничките тестови откриле какви и да е абнормалности од хипервакцинацијата, факт што покажува дека „овие лекови имаат добро ниво на подносливост“, вели Шобер. Кога тимот разгледал како неговото тело реагирало на вакцините, откриле дека иако некои аспекти на неговата имунолошка заштита биле помоќни од контролните случаи на вакцинирани со „само“ три дози, имуниот систем му функционирал слично како кај оние кои примиле помалку дози.
Антителата индуцирани од вакцината се зголемиле дури и како одговор на 217-та доза, а потоа почнале да опаѓаат како што се случува кај секој вакциниран пациент.
Способноста на неговите антитела да го неутрализираат SARS-CoV-2 се покажала и до 11 пати поголема од онаа на контролите случаи, но само поради поголемиот број на антитела, а не и нивниот квалитет. Другите типови на имунолошки клетки, Б-клетките обучени против “протеинското шило” и ефекторните Т-клетки, кои ги уништуваат заболените клетки, исто така биле присутни во поголем број, но функционирале нормално. Хипервакцинацијата, исто така, не влијаела негативно ниту на неговиот имун одговор кон други вируси, каков што е на пример Епштајн-Бар вирусот кој предизвикува мононуклеоза.
Човекот никогаш не се заразил со ковид, но не се знае дали е тоа така поради неговата вакцинална историја или тоа се должи на другите превентивни мерки што тој ги применувал. Како и да е, иако хипервакцинацијата не го ослабела имунолошкиот систем на овој човек, авторите на студијата истакнуваат дека не препорачуваат следење на овој пример и дека хипервакцинацијата од ваков вид треба да се избегнува. Според нив, се препорачува еден сезонски бустер по трите дози на вакцина против ковид, што би требало да е повеќе од доволно за соодветна заштита.