Откажувањето од пушење носи здравствени придобивки на која било возраст – кон ова укажуваат резултатите од студијата објавена неодамна во Jama Network Open која ги анализира здравствените податоци на речиси три милиони Корејци во периодот од 2002 до 2019 година, од кои 200 000 добиле дијагноза на рак. Иако истражувањето истакнува дека најголеми придобивки имаат оние кои го оставаат пушењето пред 50-тата година од животот, резултатите покажуваат дека дури и оние кои ќе решат да го “баталат” тутунот подоцна исто така “ќаруваат” неколку години од животот.
Интересно е што не е толку важно кога, туку колку долго ќе престанете да пушите. Имено, шансите за развој на рак се преполовуваат (споредено со пушачите) за оние кои ќе се откажат од пушење на најмалку 15 години. Најголемо намалување на ризикот било забележано по првите десет години од апстиненцијата. Конкретно, по 13 години и пет месеци ризикот за развој на рак на белите дробови се намалува за 42%, за развој на рак на црниот дроб се намалува за 27%, за 20% се намалува ризикот за колоректален карцином и за 14% ризикот за развој на рак на желудникот.
Иако е вистина дека е препорачливо да престанете да пушите што е можно поскоро, студијата потврдува и дека е подобро дури и ако тоа го направите подоцна во животот отколку воопшто да не престанете да пушите. Имено, пушачите кои се откажале од пушењето пред педесеттата година имаат 57% помал ризик да добијат рак на белите дробови во споредба со оние кои пушат, но дури и оние кои престануваат со оваа навика по 50 години “пушачки стаж” сепак имаат 40% помал ризик. Секако, да не се лажеме – колку е постар пушачот во моментот кога ќе одлучи да се откаже, толку е поголема веројатноста да добие рак.
„Студијата потврдува два клучни факти“, резимира Роберт Вест од Универзитетскиот колеџ во Лондон, „Првиот е дека се потребни многу години пред да се намали ризикот од добивање рак по откажувањето од пушење; вториот е дека намалувањето е поголемо за оние кои престануваат да пушат додека се млади“.