Рубрика: Историја и археологија
Дел од уникатниот фосил пронајден во Италија пред 100 години е всушност боја
Објавено на 26.02.2024 - 11:00

Малиот рептил Тридентиносаурус антиквус (Tridentinosaurus antiquus) бил откриен во далечната 1931 година во близина на Страмајоло, на висорамнината Пине, во алпскиот регион Трентино. Фосилот се чува во Природонаучниот музеј при Универзитетот во Падова, а се смета дека е значаен не само поради неоспорната вредност на фосилните докази за времето на Пермот (периодот пред 300 до 250 милиони години), туку и поради неговиот необичен изглед што се должи, како што барем досега се веруваше, на мошне редок процес на зачувување на меките ткива, особено на кожата. Токму поради оваа причина се сметаше дека се работи за уникатен примерок со непроценлива научна вредност. Но, отсуството на слични фосили поттикна сомнеж меѓу научната заедница за веродостојноста на карактеристиките на овој фосил.

Па така, една меѓународна група од истражувачи, предводена од Валентина Роси од Универзитетот во Корк, презеде мултидисциплинарна студија со цел да го утврди составот на артефактот до најситните детали. Истражувањата доведоа до неочекувани резултати.

Со употреба на моќни микроскопи, напредна хемиска и физичка анализа, фосилот ги откри своите тајни – веројатно кратко време по откривањето, целиот примерок бил обработен со материјал за обложување налик на лак. Маријагабриела Форнасиеро, кустос во Природонаучниот музеј во Падова и коавтор на студијата, објаснува дека „Покривањето фосили со бои и/или лакови беше стар метод на конзервација во отсуство на други и посоодветни методи за заштита на наодите од природно распаѓање“.

Микро-Раман и ATR-FTIR спектроскопија на примерок од абдомен. A) слика на тенок дел од примерокот S8. B, Раман карта на истиот примерок  покажува присуство на минерални кристали од седиментот кои се покриени со слој кој содржи соединение богато со јаглерод (повеќе детали во текстот од студијата) фото: Универзитет во Корк 

Меѓутоа, анализата на неколку микропримероци извадени од фосилот откри уште една работа: јаглеродната обвивка не содржи никаква трага од биолошки структури, односно нема траги од кожа –  она што се сметаше дека е карбонифицирана кожа всушност беше само нанос од боја. Според Евелин Кустатшер, истражувач при Природонаучниот музеј во во Јужен Тирол и координатор на истражувачкиот проект: „Необичната зачуваност на Тридентиносаурусот ги збунуваше палеонтолозите со децении. Сега знаеме зошто. Она што сметавме дека е кожа не е кожа, и затоа [ова окритие] не е најстарата фосилна мумија во светот“.

Истражувањето открива дека фосилот, сепак, не е само боја, бидејќи под неа има фосилизирани коски од задните екстремитети, како и одредени „остеодерми“ – структури налик на крокодилски лушпи, кои истражувачите ги проучуваат во обид да го открие вистинскиот идентитет на Тридентиносаурусот.

Клучни зборови:

Tridentinosaurus antiquus А) местата од кадешто се земени анализираните микропримероци се означени со бели стрелки; Б) слика на површинската топографија; В) фотографија од фосилот под УВ ламба. фото: Универзитет во Корк

присуство на минерални кристали од седиментот кои се покриени со слој кој содржи соединение богато со јаглерод

Микро-Раман и ATR-FTIR спектроскопија на примерок од абдомен. A) слика на тенок дел од примерокот S8. B, Раман карта на истиот примерок покажува присуство на минерални кристали од седиментот кои се покриени со слој кој содржи соединение богато со јаглерод (повеќе детали во текстот од студијата) фото: Универзитет во Корк