Сондата Нова-Ц Одисеј на приватната компанија Интуитив Машинс успешно слета на Месечината. Лендерит ја допре површината и направи меко слетување на Месечината денес, 23 минути по полноќ, по македонско време. Ова е првпат американска мисија да успешно да слета на површината на Месечината по мисиите Аполо и истовремено е прва приватна мисија која некогаш успешно слетала на Месечината.
“Одисеј има нов дом” се вели во соопштението на Интуитив Машинс на социјалната мрежа X. По решавањето на комуникациските проблеми, контролата на летот потврди дека Одисеј е во вертикална положба и се чека да испрати податоци и слики.
Како што известивме пред два дена, леталото беше лансирано на 15 февруари од космодромот на НАСА, Кејп Кенеди во Флорида. Во последните неколку часа тоа успешно ги заврши подготвителните маневри со кои влезе во орбитата на Месечината. Ова го потврдија и од НАСА која соопшти дека сондата најнапред се позиционирала во орбитата на 92 километри над површината на Месечината, по што биле извршени маневри за слетување, кои всушност биле успешно завршени пред неколку часа.
Како што веќе споменавме, мисијата е дел од соработката на НАСА со комерцијални компании во рамки на програмата Commercial Lunar Payload Services. Имено, Одисеј со него понесе неколку научни инструменти на НАСА, кои чиишто податоци може да бидат од клучно значење при планирањето на мисиите од програмата Артемида. Некои од нив беа користени и при слетувањето, како Lunar Node 1 Navigation Demonstrator (LN-1), кој воспоставува комуникација во реално време со копнените станици преку мрежата за длабока вселена на НАСА, како и системот SCALPSS (Stereo Cameras for Lunar Plume-Surface Studies), кој имаше за задача да ги сним,и со четири мали тв-камери, ефектите од дигањето на прашина од површината на Месечината предизвикано од моторниот млаз при чинот на спуштање. Овие слики ќе се користат за создавање на 3Д реконструкција на подигнатата прашина, што ќе им помогне на идните мисии да се спуштат на површината на Месечината со голема прецизност. Вкупно на лендерот се наоѓаат шест инструменти од НАСА кои треба да соберат повеќе податоци за првото слетување со човечки екипаж на површинта на Месечината по 52 години.
Лендерот Нова-Ц слета на околу 300 километри од лунарниот Јужен Пол, во кратерот Малаперт А, кој се наоѓа во близина на поголемиот кратер Малаперт, кој има пречник од околу 70 километри. Се работи за област со голема научна вредност којашто во минатото претрпела повеќе силни удари од астероиди.
НОВО:
При слетувањето се јавиле проблеми со еден од инструментите на Одисеј за одредување на висината и позицијата на сондата во однос на месечевата површина, но проблемот бил надминат со вклучување на LIDAR инструментот на НАСА кој се наоѓа во сондата. Со помош на податоците од инструментот и софтверската закрпа од командата на мисијата, по изведување на екстра орбита, сондата успеа да изведе безбедно меко слетување на Месечината, што е потврдено со примањето на слаб радиосигнал од сондата.
На прес конференцијата на Интуитив Машинс одржана доцна синоќа по македонско време, беше потврдено дека сондата Одисеј е во добра состојба, но дека мошне веројатно при слетувањето една од ногарките се потфатила на некоја препрека поради што и сондата е позиционирана во легната положба. Ова засега не создава пречки во нормалната комуникација со Одисеј, а според Интуитив Машинс не е проблеим и за нормална работа на научните инструменти сместени во утробата на сондата.