Рубрика: Астрономија и астронаутика
Астрономите идентификуваа квазар со рекордно голем сјај и маса
Објавено на 20.02.2024 - 16:15

Уметничка визија на квазарот-рекордер J059-4351

Со помош на VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија, астрономите пронајдоа квазар којшто не само што е најсјаен објект од овој тип, туку е и најсветлиот објект што некогаш бил забележан. Квазарите, всушност, претставуваат сјајни јадра од далечни галаксии, а нивен главен извор на енергија се супермасивните црни дупки. Па така, “чудото” на најсветлиот квазар се напојува од најбрзорастечката црна дупка што досега била забележана, а која дневно расте во маса еквивалентна на едно Сонце...

Црните дупки кои ги напојуваат квазарите ja собираат материјата од нивната околина во високоенергетски процес при што се испушта огромно количество светлина. Толку многу што квазарите се едни од најсветлите објекти на нашето небо, што значи дека дури и далечните од нив се видливи од Земјата. Исто така, како општо правило, најсветлите квазари укажуваат на најбрзорастечките супермасивни црни дупки.

Квазарот J0529-4351 е толку далеку од Земјата што на неговата светлина ѝ биле потребни преку 12 милијарди години за да стигне до нас. Материјата што се вовлекува кон оваа црна дупка, во форма на диск, емитира толку многу енергија што J0529-4351 е повеќе од 500 трилиони пати посветол од Сонцето.

Регионот на небото во кој е сместен квазарот J0529-4351 Слика: ESO/Digitized Sky Survey 2/Dark Energy Survey

Ја откривме најбрзорастечката црна дупка позната до сега. Има маса од 17 милијарди Сонца и ‘јаде’ нешто повеќе од едно Сонце дневно. Ова ја прави најсветлиот објект во познатиот универзум“, вели Кристијан Волф, астроном од Австралискиот национален универзитет (АНУ) и главен автор на студијата објавена денес во Nature Astronomy.

Сета оваа светлина доаѓа од врел акрециски диск со пречник од седум светлосни години – што мора да е најголемиот акрециски диск во Универзумот“, вели Семјуел Лаи, докторант на АНУ и коавтор на трудот.

Седум светлосни години се околу 15 000 пати повеќе од растојанието помеѓу Сонцето и орбитата на Нептун. Што е уште поневеројатно, овој квазар-рекордер бил “скриен” на “ачик” место. Имено, објектот се појавува уште на сликите од истражувањето на јужното небо на ESO Schmidt, кое датира од 1980 година, но бил препознаен како квазар дури неколку децении подоцна. Како ова се случило?

За пронаоѓање на квазари се потребни прецизни податоци од набљудувања на големи области од небото. Добиените податочни збирки се толку големи што честопати истражувачите користат модели за машинско учење за да ги анализираат и да ги разликуваат квазарите од другите небесни објекти. Сепак, овие модели се обучени со постоечките податоци, што ги ограничува потенцијалните кандидати на објекти слични на оние што се веќе познати. Ако новиот квазар е посветол од кој било друг претходно забележан, програмата може автоматски да го отфрли и наместо тоа да го класифицира како ѕвезда која не е многу оддалечена од Земјата.

Па така, и автоматската анализа на податоците од сателитот Гаја на Европската вселенска агенција направи превид во поглед на J0529-4351, исклучувајќи го како премногу светол за да биде квазар, и наместо тоа предложи дека се работи за ѕвезда. Истражувачите го идентификуваа како далечен квазар дури минатата година, користејќи набљудувања направени со 2,3-метарскиот телескоп на АНУ во опсерваторијата Сајдинг Спринг во Австралија. Меѓутоа, за да се открие дека се работи за најсветлиот квазар што некогаш е забележан, биле потребни набљудувања со поголем телескоп и мерења направени со попрецизен инструмент. Па така, клучните податоци биле обезбедени со помош на спектрографот X-shooter на телескопот VLT на ЕСО, сместен во чилеанската пустина Атакама.

Астрономите сметаат дека најбрзо растечката црна дупка што некогаш била забележана,  ќе биде совршена цел за набљудувања со помош на новата надградба GRAVITY+ на интерферометарот од VLT (VLTI) на ESO, кој е дизајниран за прецизно мерење на масата на црните дупки, вклучително и оние што се далеку од Земјата.

Се очекува дека, 39 метарскиот Екстремно голем телескоп (ELT) на ESO, којшто е во изградба во чилеанската пустина Атакама, ќе го направи идентификувањето и карактеризирањето на ваквите чудесни објекти уште поизводливо.

Извор ЕСО

Клучни зборови:
Уметничка визија на квазарот-рекордер J059-4351

Уметничка визија на квазарот-рекордер J059-4351, сјајното јадро на далечната галаксија којашто се напојува од супермасивна црна дупка Слика: ESO/M. Kornmesser

Регионот на небото во кој е сместен квазарот J0529-4351

Регионот на небото во кој е сместен квазарот J0529-4351 Слика: ESO/Digitized Sky Survey 2/Dark Energy Survey