Меморијата има лоша “навика” да бледнее со текот на времето. Со изминување на часовите и деновите, ситуацијата што сме ја доживеале, деталите за луѓето кои сме ги запознале, што тие рекле, како биле облечени, стануваат сѐ поматни. Но, се чини дека ова универзално правило не важи толку кога е во прашање сеќавањето за локацијата. Имено, генерално многу добро се сеќаваме каде бил поставен некој предмет, дури и кога забораваме на сè друго. Откритието објавено на bioRxiv може да биде искористено од оние кои ја проучуваат веродостојноста на судските сведочења.
Тим психолози од Универзитетот во Чикаго до овој заклучок дошле преку два експерименти. Во првиот, на 1609 луѓе им биле прикажани слики од шест различни контексти (спална соба, кујна, дневна соба, игралиште, градина и јавен парк), во временски периоди кои се движат од 100 милисекунди до 10 секунди. Веднаш потоа, учесниците морале според сеќавање да ги рекреираат сцените што е можно подетално, цртајќи со глувче или тачпад преку краудсурсинг платформата Amazon Mechanical Turk.
Во вториот експеримент, истите сцени им биле прикажани на уште 942 луѓе, но само во траење од 10 секунди. Потоа некои од нив морале да ги сцените исцртаат непосредно по прикажувањето, други по 5 минути, трети по еден час, ден, два дена или недела или две.
При евоцирањето на спомените, местата имаат предност пред деталите
Како што истражувачите и очекувале, кога било проверено колку од предметите од почетната сцена учесниците вклучиле во нивните цртежи, се видело дека степенот на прецизност во сеќавањето се намалувал со текот на времето, а бил помал и кај оние кои ги набљудувале сцените пократок период. Една петтина од луѓето кои чекале две недели пред да можат да цртаат вклучиле барем еден предмет што не е присутен во вистинската сцена во нивната реконструкција на меморијата; четвртина од овие цртежи содржеле повеќе од еден лажен предмет.
Она што ги изненадило научниците е откритието дека, иако учесниците не се сеќавале на сите предмети вклучени во сцената во одредени случаи, тие биле во можност да ги постават мошне прецизно во просторот предметите на кои се сеќавале. Небаре има нешто посебно во начинот на којшто го кодираме, а потоа и го повикуваме, овој тип на меморија.
Разликата што се појавила може да биде исклучително корисна во ситуации каде што е неопходно да се реконструираат детали од некоја сцена од минатото, како што тоа се прави на пример, при сведочењето на очевидци. Па така, сеќавањата за тоа каде некоја личност или предмет се наоѓале може да бидат попрецизни и постабилни во меморијата од оние поврзани за нивниот изглед.
Понатамошните опити треба да проценат дали оваа прецизност се случува делумно под влијание на некоја претходна шема на размислување. На пример, разумно е да се очекува дека вазна со цвеќиња во кујната е во центарот на масата или дека наткасната во спалната соба е поставена веднаш до креветот. Овој вид на „здраворазумно“ размислување може да влијае и врз нашата меморија.