Овојпат фотографијата на неделата е всушност видео. Роверот Пeрсевиранс го сними поминувањето на месечината Фобос пред Сонцето. Глетката се разликува од она што во ваквите прилики може да го видиме на Земјата, а во тоа можете да се уверите и самите од видеото во прилог.
Минатиот четврток, на 8 февруари, роверот Пeрсевиранс (Perseverance) од неговата локација во кратерот Језеро на Марс, ја сними месечината Фобос, како со нејзината неправилна форма (максимални димензии долж оските од 13,5 x 10,8 x 9,4 км), поминува пред Сонцето. Камерата Mastcam-Z, поставена на левата страна на роверот, направи серија фотографии од месечината кои потоа ги испрати до Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory – JPL) на НАСА.
Големината и обликот на Фобос не овозможуваат да дојде до целосно затемнување на Сонцето. Месечината прикрива само дел од сончевата светлина, создавајќи ефект сличен на „џиновско око“. Вонземската глетка мошне се разликува од величествените затемнувања на Сонцето што може да ги набљудуваме од површината на Земјата кога Месечината ќе се најде на позиција помеѓу нашата планета и нашата матична ѕвезда.
Фобос и „малиот сателит“ Деимос (со димензии 7,5 x 6,1 x 5,5 km) се откриени во 1877 година од страна на Асаф Хол. Именувани по грчките зборови Страв и Ужас. Нивното потекло е неизвесно. Сѐ уште не знаеме дали тие се можеби астероиди заробени од гравитацијата на Марс или фрагменти од самата планета, исфрлени при удар од некој поголем објект што се случил во зората на Сончевиот систем.
За разлика од нашата Месечина, која се оддалечува од Земјата, Фобос се доближува до Марс со брзина од 1,8 метри во текот на еден век. Ќе бидат потребни околу 50 милиони години пред Месечината да падне на планетата или да се раздроби во вид на прстен, сличен на оние што го опкружуваат Сатурн. Во меѓувреме, затемнувањата на Сонцето на Марс сѐ повеќе ќе наликуваат на затемнувањата што ги имаме на Земјата.
Во 2026 година, една јапонска мисија треба да слета на Фобос и да собере примероци од почвата што потоа треба да бидат донесени на Земјата. Научниците се надеваат дека оваа мисија ќе помогне во решавањето на загатката за потеклото на оваа месечина.