Секоја година помината на училиште или на универзитет го зголемува нашиот животен век – ова е дел од заклучоците во студијата објавена минатиот месец во The Lancet Public Health. Во истражувањето биле анализирани преку 10 000 податоци од 59 индустријализирани земји и земји во развој, при што било откриено дека неучењето му штети на нашето здравје подеднакво како пушењето или злоупотребата на алкохол.
Анализата покажува дека ризикот од смртност би се намалил за приближно 2% за секоја година од завршено редовно образование. Ова значи дека оние кои го завршуваат целиот циклус на основно и средно образование (12 години поминати на училиште) бележат намалување на ризикот од смртност за најмногу 26%, додека за оние кои завршуваат и универзитетски студии (континуирано учење во текот на 18 години) намалувањето на смртноста расте на најмногу 34%, споредено со оние кои немаат никакво образование. Овие придобивки, иако се поголеми кај помладите, може да се најдат и кај оние кои се постари од педесет години.
Од друга страна за оние кои не посетувале ниту една година училиште, негативните ефекти врз здравјето се еднакви како и консумирање на пет или повеќе алкохолни пијалоци дневно или пушење на десет цигари дневно во текот на десет години.
Врската помеѓу образованието и очекуваниот животен век веќе беше позната, но оваа студија е прва што конкретно ја разработува низ бројки. Новите податоци нѐ потсетуваат на важноста од инвестирање во образованието со цел намалување на ризикот од смртност, дури и во најсиромашните земји.
Како што објаснува и Дејвид Финч, директор на добротворната организација The Health Foundation, оние кои се образовани имаат подобри социјални врски, подобро ги разбираат информациите и затоа се способни да направат подобар избор. Со други зборови, образованието ни дава алатки за да живееме подобро. И, последно, но не и најмалку важно, образованието ни овозможува да заработиме повеќе и да имаме подобар пристап до здравствената заштита, особено во земји (како САД) каде здравството не е јавно, и каде полниот паричник може да направи вистинска разлика кога ќе дојде време за лекување.
Иако податоци од нашиот регион не биле користени во истражувањето, секако дека заклучоците сосема извесно важат и за нас.