Набљудувањата од вселенскиот телескоп Веб понудија директен поглед во иднината на Сончевиот систем – моментот кога Венера, Меркур и можеби Земјата ќе бидат проголтани од Сонцето.
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА го понуди првиот поглед на иднината на нашиот Сончев систем и ги потврди досегашните сомневања за неговата судбина. Накратко, според астрономите кои користеле податоци собрани од JWST, за 5 милијарди години, кога Сонцето, откако најнапред ќе се претвори во црвен џин, и ќе порасне 100 пати поголемо од сега, ќе се трансформира во бело џуџе со големина колку Земјата. Во целиот процес Сонцето ќе ја „проголта“ планетата Меркур, најверојатно и Венера, а можеби дури и самата Земја. Најоддалечените планети, почнувајќи од Јупитер, сигурно ќе бидат спасени од канибализам, но тие би можеле да бидат поместени подалеку од нивната сегашна позиција, па дури и исфрлени од Сончевиот систем.
Астрономите дојдоа до овие заклучоци користејќи податоци од вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА, кој за прв пат „фотографираше“ планети кои се движат во орбити слични на оние на планетите од нашиот Сончев систем, околу ѕвезди од типот бело џуџе. Конкретно, набљудуваните планети следат орбити слични на оние на џиновските планети од надворешниот Сончев Систем, и се доволно големи за да го избегнат “пеколот” во моментите кога ѕвездата била црвен џин.
Белите џуџиња се атрактивни цели во потрагата по егзопланети, бидејќи нивниот сјај изнесува само еден процент од светлината на Сонцето. На телескопите ова им ја олеснува задачата за блокирање на светлината од ѕвездата со цел да се детектира слабиот сјај од околните планети. Сузан Мулали, астроном од Научниот институт за вселенски телескопи (Space Telescope Science Institute), и нејзините колеги го користеа JWST за проучување на четири блиски бели џуџиња, смесетни на 75 светлосни години од Земјата. Околу две од белите џуџиња, тимот забележал објекти кои наликуваат на планети.
Еден од објектите има 1,3 пати поголема маса од Јупитер и се движи по орбита со пречник сличен на онаа што ја следи Сатурн околу Сонцето. Другиот објект има 2,5 пати поголема маса од Јупитер и нешто поголема орбита од онаа на Нептун. Според Мулали „Ова е првиот вистински показател дека планетите како Јупитер и Сатурн можат да ја преживеат еволуцијата на нивното Сонце додека тоа се трансформира во бело џуџе“. Мулали и нејзините колеги ги објавија резултатите од нивното истражување на предпринт серверот arXiv, по што научниот трудот беше прифатен за објава во The Astrophysical Journal Letters.
Пред оваа студија постоеја само навестувања за планети што ја “преживеале” еволуцијата на нивната ѕвезда и сѐ уште кружат околу слабо светли бели џуџиња. Показателите беа детектирани кога сјајот на таквите ѕвезди периодично биваше заматен односно затемнет од планетите кои орбитираат околу нив. Во 2011 година, вселенскиот телескоп Спицер на НАСА директно забележа потенцијална планета која орбитира околу бело џуџе со огромна орбита, 2500 пати поголема од растојанието Земја-Сонце, и тоа ги остави астрономите малку збунети. Планети со помали орбити, послични на оние на Јупитер и Сатурн, не беа директно забележани сѐ до набљудувањата направени со телескопот Веб.