Од 2003 година, портокалово-белата риба-кловн (Amphiprion ocellaris) автоматски ја “препознаваме” како Немо, главниот јунак на познатиот цртан филм на Pixar – рипчето со оштетена перка, чијшто безгрижен живот е нарушен кога го киднапираат луѓе и го раздвојуваат од неговиот татко. Студијата објавена во Journal of Experimental Biology, ни открива дека рипчињата како Немо немаат баш безгрижен живот, дури и кога не ги киднапираат. Имено, рибата-кловн е мошне територијална и без двоумење ги напаѓа другите риби – натрапници на нејзината територија. Но, имајќи предвид дека постојат околу триесет различни видови на риба-кловн, како тогаш овој вид ги разликува натрапниците? Одговорот е мошне интересен. Според новото истражување, се чини дека видот Amphiprion ocellaris знае да брои...
Сите видови на риба-кловн (позната и како морска смоквичка или риба-анемона) имаат одреден, различен број бели вертикални пруги на телото – од 0 до 3. Во многу случаи ова е најочигледната карактеристика на овие риби со мошне сличен изглед. Тимот на Кина Хајаши од јапонскиот Институт за наука и технологија во Окинава спроведе експеримент кој се фокусира токму на пругите.
Тимот, најнапред одгледал мало јато на риби-кловн, чувајќи ги изолирани во аквариум и подалеку од која било друга риба. Потоа, откако рибите наполниле шест месеци ги довеле во контакт со други видови на риба-кловн (A. clarkii, A. Sandaracinos, A. polymnus), а и со други примероци од истиот вид (Amphiprion ocellaris). Овие примероци биле сместени во истиот аквариум, раздвоени во проѕирна кутија исполнета со вода, при што тимот ги проучувал реакциите на “домаќините” кон “натрапникот”. Прво нешто што научниците го забележале е дека рибите-кловн ги напаѓаат и „малтретираат“ припадниците од сопствениот вид (настан што се случил во 80% од случаите), додека биле потолерантни кон припадниците од другите видови, особено кон оние што имале помалку пруги.
Токму овој, последен детаљ бил инспирација за втората фаза од студијата, во која пред рибите биле поставени “лажни риби”, односно парчиња портокалова пластика на кои биле насликани една, две или три вертикални пруги на телото. И во овој случај, животните со ентузијазам ги напаѓале “моделите” со две или три риги, додека кон оние со една “се однесувале со презир”, a оние видови што немаат карактеристични вертикални пруги ги игнорирале.
Според научниците ова значи дека рибата-кловн ги “брои” вертикалните пруги со цел да ја процени опасноста од натрапникот. Зошто примероците тогаш тие ги напаѓале и рибите со две ленти, а не само оние со три? Според студијата, тоа се случувало затоа што при раѓањето рибата кловн има само две пруги, кои стануваат три на возраст од околу десет дена од животот. Дури и примероците со „двојни риги“, според тоа, можат да претставуваат опасност или конкурент што треба да биде избркан.
Инаку видот Amphiprion ocellaris во природата живее скриен во “крошната”, меѓу полипите од морската анемона, во мали групи составени од алфа женка, бета мажјак и неколку малолетници.