Рубрика: Електротехника
Како да откриете кои светилки се штетни за вашиот вид
Автор: Миле Кокотов
Објавено на 20.01.2024 - 19:15

Сигурно сте забележале дека во некои простории, осветлени со помош на електрични светилки, по некое време чувствувате замор во очите, а можеби и главоболка и нарушување на целокупното расположение. Причината за тоа е треперењето на светлината кое е присутно кај некои светилки. Но како да откриете кои светилки се штетни за вашиот вид? Едноставно – со помош на мобилниот телефон според упатствата дадени во оваа статија и видеото во прилог.

Во продавниците се продаваат разни светилки. Од обични (со усвитено влакно) до флуоресцентни (т.н. неонки) со разни димензии, во различни облици и моќност. Во поново време се продаваат ЛЕД светилки кои трошат помалку електрична енергија за ист интензитет на емитувана светлина, и имаат подолг работен век во однос на другите светилки.

Меѓутоа, треба да знаеме дека сите светилки не се квалитетни иако тоа не се спомнува во рекламите од производителите. Некои светилки можат негативно да влијаат на вашите очи и вашето расположение, предизвикувајќи замор, бидејќи не емитуваат постојана светлина, туку блескаат, односно треперат со одредена фреквенција која негативно влијае на вешето сетило за вид. Тоа треперење или блескање не може да се забележи во нормални услови.

Како да дознаете дали некоја светилка што сакате да ја купите е квалитетна за Вашите очи? Дали светилката премногу блеска, односно трепка со фреквенција која е опасна за вашето сетило за вид, ги заморува вашите очи, предизвикува главоболка и имплицира негативно општо расположение? Ќе ви покажам еден многу едноставен метод за да определите дали некоја светилка емитува пријатно униформно светло или трепери и блеска. Се што Ви треба е еден мобилен телефон со камера, со помош на која може веднаш да се види дали светлото што го емитува светилката е константно или има треперење кое е штетно. Начинот на тестирање е прикажан во видеото во прилог.

Е сега, најчесто, квалитетните светилки се малку поскапи, ама не значи дека и светилките кои треперат немат своја употребна вредност. Понеквалитетните и поевтини светилки без проблем можете да ги користите за осветлување на простории во кои ретко се престојува, на пример во подрум, во ходник, во остава и слично. Се разбира, во простории каде престојувате најчесто, а особено онаму каде што читате/учите Вие и Вашите деца, треба да користете најквалитетни светилки!

 

Зошто се заморуваат очите и зошто се јавува главоболка и се нарушува расположението кај човекот кој престојува во просторија осветлена со светилки кои трепкаат?

Очните мускули и системот кој ги шири и собира зениците на очите (зеницата претставуваат еден вид дијафрагма со која се регулира интензитетот на светлината која ќе биде пропуштена кон очните светлински рецептори и нерви), реагираат на светлината и ја собираат или шират зеницата во зависност од светлоста во околината.

Знаеме дека кога е темно, зениците се шират за да пропуштат повеќе светлост, а кога е светло, зениците се собираат односно се стеснува отворот (црнката во окото) кој ја пропушта светлината до светлинските рецептори. Овој механизам е многу брз. Сетете се на пример, кога во темно некој ве осветли со силна светлина, зениците екстремно брзо се собираат, а потоа, откако силната светлина ќе помине, треба извесно време за да се рашират зениците и да можеме пак нормално да гледаме. За ова време велиме дека сме привремено „заслепени“.

Е сега, кога имаме неквалитетни светилки кои блескаат/трепкаат со висока фреквенција за која не сме свесни, нашето сетило овие блескања ги регистрира, па мускулите ја собираат и шират зеницата на окото поради што зениците исто така треперат во ритам на блескањето на светилката. Со тоа окото се оптоварува и заморува (без да бидеме свесни дека тоа е поради брзото трепкање на светилките), а исто така може да се јави главоболка, односно да се наруши целокупното расположение на лицето кое се наоѓа во простор осветлен со неквалитетни светилки кои блескаат/треперат...

Кај поранешните (стари) светилки со усвитено влакно, треперењето се јавува поради тоа што се напојуваат со наизменична електрична струја со фреквенција од 50 Hz, па и усвитеното влакно трепери во ритамот на фреквенцијата на електричната струја. Помоќните светилки со усвитено влакно (над 60W) имаат поголема инерција, односно, кога ќе ја исклучиме струјата, влакното полека ја намалува светлината додека потполно не се „изгаси“ светлоста која ја емитува. Тоа трае од неколку делови од секундата, па до една или две секунди кај помоќните светилки (над 100 Вати). Затоа велиме дека кај обичните светилки со усвитено влакно, појавата на трепкање до некаде е ублажена од самата инерција на усвитеното влакно кое не може брзо да ја следи промената на електричната струја со фреквенција од 50 Hz.

Флуоресцентните и ЛЕД светилките се многу брзи, па светилката ја следи промената на електричната струја, што резултира со трепкање, односно блескање.

За да се елиминира ваквата штетна појава, кај поквалитетните ЛЕД светилки се вградуваат електронски елементи кои ја пеглаат промената на електричната струја, па емитуваната светлост е униформна, без блескање и треперење.

Клучни зборови: