Од медиумите разбравме за намерата на Владата да бара странски „стратешки инвеститор“ за изградба или адаптација на гас на ТЕЦ „Неготино“ и РЕК „Битола“.Нема да навлегуваме во анализите на исплатливоста на предложените гасни електрани, каде концесионер би била странска компанија, но накратко кажано таа компанија нема да ни продава цена под берзанската. Зошто би ни продавала поевтино, ако може да ја продаде преку берза поскапо? Оттаму сосема природно е да ја разгледаме можноста која е далеку поповолна – трансформацијата кон “зелена” енергија да ја направиме со сопствени сили
Од медиумите разбравме за намерата на Владата да бара странски „стратешки инвеститор“ за изградба или адаптација на гас на ТЕ „Неготино“ и РЕК „Битола“. Беше спомната американската компанија Џенерал Електрик, како и моќностите на електраните од 300 MW и 800 MW. Не знаеме дали би биле искористени постоечките парни степени од нашите термоцентрали или би се граделе од почеток, но можеме да направиме проценка на цените според цените од 2016 година, кои многу не се промениле за овој вид електрани. Сметајќи со 1100 $/kW, капиталните трошоци (без камати) би изнесувале 300 милиони евра за ТЕ Неготино, односно 800 милиони евра за ТЕ Битола). Според моменталниот курс на еврото, тоа би изнесувало вкупно околу 1,2 милијарди евра за двете електрани. (Види https://www.eia.gov/.../capita.../pdf/capcost_assumption.pdf )
Најпрво една важна работа: цената на електричната енергија од природен гас не е ниска. Дури и со моменталната, рекордно ниска цена на гасот од само 30 евра/MWh (види https://www.eex.com/en/market-data/natural-gas/spot ), цената само на горивото изнесува 60 евра/MWh за електричната енергија, додека после сите трошоци цената ќе изнесува најмалку 80 евра/MWh, што е многу повеќе од моменталната цена на домашната енергија од јаглен од 56 евра/MWh. Доколку електраната наменски се гради како врвна (peaker) електрана, тогаш исплатливата цена на електричната енергија изнесува дури 180 евра/MWh.
Нема да навлегуваме во анализите на исплатливоста на предложените гасни електрани, каде концесионер би била американската компанија. Нив ќе ги видиме друг пат, но накратко кажано таа компанија нема да ни продава цена под берзанската, којашто моментално изнесува околу 100 евра/MWh. Зошто би ни продавала поевтино, ако може да ја продаде преку берза поскапо? Освен тоа, во ноќните часови цената на берза изнесува околу 80 евра/MWh, што е на самата граница на рентабилност, па може да се случи ноќе сосема да ја исклучуваат централата. Малиот број работни часови, од друга страна, го пролонгира временскиот период за отплата на инвестицијата.
Најлошо би било ако ги вложиме нашите постоечки термоцентрали и според примерот со Чебрен станеме кираџии во сопствената, намерно обезвредена куќа, додека американската компанија извлекува профит на нашиот пазар.
Сега, кога сме начисто дека во иднина ќе плаќаме многу поскапа електрична енергија, но поради условот за Зелена транзиција ќе мораме да се откажеме од електраните на јаглен, да видиме дали постои поевтин начин за добивање енергија од природен или втечнет гас.
Поседувањето на термоелектраните на јаглен претставува голема предност што мораме да ја искористиме. Со исклучок на целиот систем за производство и допрема на јаглен, како и котелот на јаглен, а во случајот на ТЕ Неготино котелот на мазут, остатокот од електраната може целосно да се искористи во новата гасна електрана, којашто би работела во комбиниран циклус (упростената шема е прикажана на сликата подолу). Освен тоа, таа би можела да биде комбинирана, за производство на топлинска енергија за далечинско греење, за што во Битола веќе се прават подготовки.
Останува прашањето на гасниот дел од електраната, којшто се состои од гасна турбина (како една целина со компресор), електричен генератор, автоматика и најважниот дел – изменувач на топлина (утилизатор на топлина), односно парогенератор за производство на пареа во парниот дел од постоечките термоелектрани.
Тука доаѓаме до главното.
Од една швајцарска фирма, чиј сопственик е пријател на Македонија и која досега имала одлична соработка со македонските термоелектрани, преку нивните сојузници во една пријателска западноевропска земја дошле до една фантастична понуда според која постои можност да се оживее ТЕ Неготино, којашто е во резерва практично уште од самата нејзина изградба. Досега ниту е многу користена, ниту економски се исплатела.
Со купување на две гаснотурбински групи од по 150 MW електрична моќност, со чии жешки издувни гасови преку изменувач на топлина (парогенератор) би се погонувала постоечката термоцентрала на пареа, којашто би давала уште 150 MW електрична моќност. Така во комбиниран Брајтон-Ранкинов циклус би добивале вкупно 450 MW електрична моќност. Бидејќи ТЕ Неготино има инсталиран капацитет од 195 MW, би требало да се испита дали може и нејзиниот котел да се употреби, т.е. да се адаптира на гас за производство на уште малку пареа заради добивање на 495 MW електрична енергија.
Со народен јазик кажано, во новата релативно еколошка централа, која би емитирала околу 2,5 пати помалку јаглерод диоксид по единица произведена електрична енергија, би плаќале гас за 300 MW, а од парната централа би добивале бесплатно уште 150 MW електрична енергија. Поради ова, имено, степенот на корисно дејство на гасните електрани во комбиниран циклус достигнува 50%-60%, за разлика од околу 30% кај класичните термоелектрани на лигнит. Да не навлегуваме во детали, но тоа е поради повисоката температура на доводот на топлина во термодинамичкиот циклус со гасна турбина.
За само стотина милиони евра, заедно со сите трошоци за демонтажа, релокација, освежување и инсталација, би добиле 450-500 MW електрична енергија (колку два блока од РЕК Битола) и стотина мегавати топлинска енергија за далечинско греење. Доколку работи само по 12 часа на ден, таа би произведувала околу 2000 GWh електрична енергија годишно, односно приближно колку што моментално увезуваме по берзански цени.
Иако цената на електричната енергија од гас е многу висока, ако на отплата на оваа целосно наша централа отпаднат 15 евра/MWh, ние би ја вратиле инвестицијата за само 3 години! Тоа би била најбрзата Зелена транзиција за земјава, иако на долг рок би требало да градиме и други извори на „зелена“ енергија.
Доколку составиме една група од ТЕ Неготино, машинските и електротехничките факултети во земјава, швајцарската група што би работела на автоматиката и која знае да поврзе сé како што треба, како и италијанските кооперанти за резервни делови, со максимално залагање за 1-1,5 година може да се прошири постоечката за 3 пати поголем капацитет.
Цената би била околу 4,5-5 пати пониска отколку за комплетно нова електрана, која по порачка би се проектирала и градела најмалку 5 години, што не е ни малку неважно. Освен тоа, многу важно е што продавачот на старата гасна централа дава гаранција од една година! Најважно од сé, Македонија би можела самата од сопствени извори, дури и без задолжување да ја финансира надградбата и така за многу мали пари да добие нови 495 MW инсталиран капацитет за производство на електрична енергија, што е повеќе од два блока на РЕК Битола.
Еден блок од РЕК Битола би можел да продолжи да работи на лигнит, што не би било проблем при капацитет намален за две третини. Не би имале проблем ниту со Парискиот договор за Зелена транзиција, бидејќи условот е да ја намалиме емисијата на стакленички гасови за 67% проценти, а не за 100%.
На тој начин, би дошле на постоечкото ниво на производство, без потреба да ја даваме РЕК Битола на американската компанија. Тоа нема да нé ослободи од увозот на електрична енергија, но би можеле без брзање да размислуваме за изградба на една или повеќе мали нуклеарни електрани базирани на мали модуларни реактори (SMR – Small Modular Reactor), коишто се многу побезбедни и поевтини од постоечките големи нуклеарки.
Паралелно би работеле и на изградба на една или две реверзибилни хидроелектрани, како и определен капацитет на литиум-јонски батериски банки за складирање на енергијата, што би било многу важно не само за фотонапонските електрани, туку и за малата нуклеарна електрана.
Да се вратиме на понудата за релокација на половната гасна електрана. Не треба да имаме никакви предрасуди кон половната опрема, бидејќи речиси целото население во Македонија вози половни коли. Според нашиот извор, во калкулацијата на цената за надградбата освен гасните турбини и генераторот (кои би биле купени многу евтино) е вклучена работната рака за демонтажа и монтажа, транспортот до Македонија, проширување на трафостаницата во Неготино на преку 500 MVA, како и поврзувањето на нова електроника, што е многу важно за стартот на гасната турбина.
Накратко, за да се избегне купување на дизел-мотор за залет на турбината (за да може да проработи нејзиниот компресор) со посебно конструиран инвертер од мрежата би се напојувала синхроната машина, којашто наместо во генераторски режим при залет би работела во моторен режим. Овој инвертер воедно би бил единствениот интерес на швајцарската компанија, според моето видување. Целата цена би била сосема транспарентна, без разни клаузули за доверливост.
Единствено останува отворено прашањето за изменувачот на топлина – парогенераторот, колку тој би чинел и дали е вклучен во понудата.
Како можеме да започнеме со реализација? Еден тим од 6-8 луѓе заедно би ја испитал можноста за реализација со оценка на постоечката опрема на лице место и тоа веднаш, во рок од само неколку недели, додека трае понудата. Од три гасни електрани две се веќе продадени, останува само уште една.
Оваа работна група може да се формира многу бргу и не би чинела многу пари. Опремата е западноевропска, нашата пријателска компанија има контакти со производителите и лесно може да организира сервисирање, чистење и допрема на опремата во Неготино. Во Неготино би требало за почеток да се направи темел за агрегатот, а потоа и хала, што не претставува никаков проблем, ниту голем трошок. Единствено мора да се дејствува бргу и без никакви обиди за корумпирање на политичари. Провизии не доаѓаат во предвид.
Инаку доколку властите се заинтересирани, веќе неколку инженери сме подготвени веднаш да отпатуваме, макар на личен трошок, за да ја видиме гасната централа што се продава. Мора да се дејствува брзо, бидејќи понудата нема да трае долго.
За само 220-250 евра/kW за надградба со гасниот дел, воопшто не треба да се грижиме за исплатливоста. Нова електрана би чинела 5 пати повеќе, што не би можеле да си ја дозволиме, а нема ни потреба, штом можеме да ја искористиме старата. Ова е навистина мал влог за голема игра.
Сегашната влада веќе нема време, па ниту мандат за големи одлуки, но идната влада веднаш би требало да се зафати за овој проблем. Единствено нешто корисно што може да направи оваа влада е да не се впушта во преговори со американската компанија за јавно приватно партнерство и да не ја повторува грешката со Чебрен и Тиквеш.