Кинескиот стартап Betavolt претстави тенка нуклеарна батерија за која тврди дека може да се користи како извор на електрична енергија цели 50 години, без притоа да има потреба од полнење или сервисирање. Според нив ова е прв проект во светот што ја реализира минијатуризацијата на атомската енергија, поставувајќи радиоактивни изотопи во модул помал од метална паричка.
Компанијата соопшти дека оваа батерија од следната генерација веќе е во пилот фазата на тестирање, после што ќе може масовно да се произведува за комерцијални апликации како телефони и дронови. BV100, батеријата
Батеријата BV100 функционира со претворање на енергијата ослободена при распаѓање на изотопите во електрична енергија, користејќи процес кој првично бил истражен уште минатиот век. Имено, научниците и во Советскиот Сојуз и во Соединетите Американски Држави ја развија оваа технологија за употреба во вселенски летала, подводни системи и оддалечени научни станици, но добиените термонуклеарни батерии од тоа време биле ем скапи ем гломазни.
Потрагата за минијатуризација и комерцијализација на нуклеарните батерии кинезите ја зацртаа во рамките на 14-тиот петгодишен план чија цел беше да ја зајакне економијата на Кина во периодот помеѓу 2021 и 2025 година, додека нивните колеги во САД и Европа исто така работат на проблемот. Сега Бетаволт тврди дека направиле пробив на полето на нуклеарната енергија, со тоа што постигнале минијатуризација, модуларизација и исплатливост на изработката на батериите со атомска енергија. Добиениот производ е компактен има потенцијал за примена во многу сфери.
Електричната енергија се генерира со искористување на енергијата емитирана при распаѓањето на радиоактивен изотоп на никел (никел-63). Помеѓу слоевите на никел-63 има листови од еднокристален дијамантски полуспроводник со дебелина од само 10 микрони. Овие физички батерии можат да се пофалат со енергетска густина што е повеќе од 10 пати поголема од тројните литиумски батерии и капацитет за складирање од 3300 мегавати во само еден грам без ризик од пожар или експлозија. Батеријата има моќност од 100 микровати, напон од 3 волти (V) и компактен волумен со димензии од 15x15x5 кубни милиметри, што ја прави помала од една просечна монета. Според кинеските научници, овие нуклеарни батерии континуирано генерираат електрична енергија, произведувајќи 8,64 џули дневно, односно 3153 џули на годишно ниво.
Според кинезите, батеријата може да обезбеди стабилно производство на енергија независно од надворешните услови, таа не е засегната од суровите средини или различните оптоварувања, при што нуди постојани перформанси и при екстремни температури, во распон од 120º до минус –60º степени. Иако во соопштението за печат не се наведено дали се работи за Целзиусови или Фаренхајтови степени, сметаме дека многу поверојатно е дека се работи за првото.
Компанијата, исто така, смета дека овие батерии се безбедни, без надворешно зрачење, и можат да се применат и во медицински уреди кои се вградуваат во човечкото тело, како пејсмејкери и кохлеари,.
Потенцијалот за паралелна и сериска употреба на повеќе батерии отвора можмост за различни примени.
Бетаволт планира да лансира и батерија од 1 ват до 2025 година, предвидувајќи иднина во која, ато тоа го дозволат регулативите, атомските батерии би можеле да ги напојуваат мобилните телефони на неодредено време.
Достигнувањето ја става Кина на чело на револуционерниот напредок во два домена од високата технологија – батерии напојувани од атомска енергија и дијамантски полуспроводници од четвртата генерација.
Батериите на Бетаволт можат да ги задоволат барањата за енергија во повеќе долгорочни сценарија, во широк опсег на области од воздухопловната и вселенската индустрија преку вештачката интелигенција, медицинските уреди, MEMS системи, напредни сензори, до мали дронови и микро-роботи.