Рубрика: Аеронаутика
НАСА претстави „тивок“ млазен авион
Објавено на 15.01.2024 - 16:00

Пред неколку дена, НАСА и Локхид Мартин го претставија Х-59, суперсоничен т.е. млазен авион кој во блиска иднина може да ја трансформира комерцијалната авијација. Овој експериментален авион е во фокусот на мисијата Quesst на НАСА, која цели кон решение што ќе испорача млазен погон во рамките на ограничувањата за бука за млазни летови над копно, и кое ќе овозможи (повторно) отворање на воздухопловниот сектор кон нови, суперсонични перспективи.

Мисијата Quesst се обидува да ги направи излишни рестриктивните правила за комерцијални млазни летови над копно, кои важат во САД и во многу други земји во светот, а кои произлегуваат од нарушувањета што ги предизвикува суперсоничниот бум. Токму затоа директорот на НАСА, Боб Пирс, во оваа прилика го истакна ентузијазмот за демонстрација на изводливоста на решение што ќе овозможи тивок млазен лет, и кое ќе отвори нови хоризонти за американските компании и светските патници. Сонот е своевидно навраќање кон славните денови на патувањето со Конкорд, млазниот патнички авион кој во периодот од 1970-тите до раните 2000-ти години ги поврзуваше двете страни на Атлантикот за околу три часа.

X-59 е дизајниран да лета со брзина од 1,4 пати поголема од брзината на звукот, односно со околу 1500 km/h. Благодарение на неговиот иновативен дизајн авионот има релативно тивок соничен “бум“ (пукотот што се слуша при летање со надзвучна брзина, а кој се создава при пробивање на звучниот ѕид). Тенкиот, заострен нос на X-59 се простира на речиси една третина од неговата должина и треба да ги „прекрши“ ударните бранови што вообичаено го создваат пукотот кај млазните авиони.

За да се добие постоечката конфигурација на X-59, кој е долг 30 метри и има распон на крилата од 9 метри, пилотската кабина е поставена речиси на половина од трупот на авионот и не е опремена со предни отвори (прозорци и сл..). Поради ова пилотите користат eXternal Vision System, систем за вид заснован на камери со висока резолуција кои ги репродуцираат сликите од околината во реално време на 4K монитор во пилотската кабина, па искуството е речиси исто како пилотирање во симулатор.

Потребите на проектот ја определуваат и положбата на моторот, кој е поставен во горниот заден дел на авионот, и е моделиран за избегнување на можноста ударните звучни бранови да се сретнат зад авионот и да произведат млазен бум.

Иако Х-59 е експериментален авион,  тој сѐ уште не е прототип. Неговите најсовремени технологии треба да ги поттикнат идните генерации на млазни авиони. Целта е да се покаже дека е можно конструирање на тивки млазни авиони, што же можат да летаат над населени места и да отвора нови комерцијални пазари за компаниите.

Што понатаму? По завршената презентација, тимот на Quesst сега се подготвува за системски тестови, тестови за старување на моторот и таксирање.

Првиот инаугуративен прообен лет се очекува до крајот на оваа година, по што треба да уследи и првиот тивок суперсоничен лет. Центарот за истражување на лет Армстронг на НАСА, сместен во Едвардс, Калифорнија, ќе биде оперативната база од којашто ќе се спроведува серијата последователни тестови. Доколку тестовите се покажат успешни, НАСА ќе го прелета авионот над неколку града во САД за да собере податоци за влијанието на бучавата, податоци што потоа ќе ги сподели со агенциите кои го регулираат воздушниот транспорт.

Презентацијата на X-59
Клучни зборови: