Ако сметавте дека се работи за смешен дел од науката и дека токму ова е следниот кандидат за Иг Нобел наградите, размислете повторно. Според научниците откривањето на ензимот којшто ја дава типичната светло-жолта боја на мочката може да обезбеди подобро разбирање за низа здравствени проблеми...
Мочката може да има различни нијанси на боја зависно од хидратацијата, внесените лекови и храна, но најчесто таа има типична жолта боја. Од што зависи оваа нијанса? Веќе 125 години, научниците знаат дека цревната флора го претвора билирубинот, супстанца што настанува при распадот на црвените крвни зрнца, во уробилин, пигмент одговорен за жолтата боја на урината. Но, точниот процес зад оваа трансформација сè уште беше нејасен.
Брентли Хол, професор на Катедрата за клеточна биологија и молекуларна генетика при Универзитетот во Мериленд, го објаснува ова одложување на студиите: „Цревата е средина сиромашна со кислород и многу цревни бактерии не преживуваат ако има премногу кислород, што што го отежнува нивното одгледување и употреба за лабораториски експерименти“. Користејќи го напредокот во геномското секвенционирање на цревните микроорганизми, Хол откри клучен ензим во процесот кој ја дава жолтата боја на мочката. Ензимот се нарекува билирубин редуктаза. „Неговата задача е да го претвори билирубинот во безбоен нуспроизвод наречен уробилиноген“, објаснува Хол „уробилиногенот потоа спонтано се разградува во молекула наречена уробилин, одговорна за жолтата боја која на сите ни е позната“.
Можеби ви се чини дека се работи за исклучително „техничко“ откритие, но во реалноста ова ново сознание може да помогне подобро да се разберат некои од здравствените проблеми што потекнуваат од цревата. Билирубинот се формира со нормален процес на уништување на хемот (хемиски комплекс) во црвените крвни зрнца на крајот од нивниот 120-дневен животен циклус. Премногу високото ниво на билирубин може да го оштети мозокот и да создаде многу опасни услови за вашето здравје. Во оваа смисла, откривањето на ензимот што го разградува е важен чекор за терапевтските цели.
Истражувачите откриле дека билирубин редуктазата е присутна кај речиси сите здрави возрасни лица, но не и кај доенчиња и кај возрасните кои страдаат од воспалителна болест на цревата. Кај новороденчињата неможноста за разградување на билирубинот е поврзана со појавата на жолтица, пожолтување на кожата и мукозните мембрани. Кај возрасните кои патат од воспалителна болест на цревата, истиот недостаток е поврзан со формирање на камења во жолчката. Хипотезата, која ќе биде тестирана низ опсервациски студии кај луѓе, е дека зад овој механизам стои ниската преваленца на цревни микроорганизми способни да го разградат билирубинот.
Резултатите од истражувањето се објавени на почетокот од овој месец во Nature Microbiology