Секогаш треба да дадеме поддршка кога се прави нешто ново и корисно, но не и по цена на неоправдани трошоци и загуби. Спречувањето на идните штети, за кои толку многу зборувавме во изминатите 3-4 месеци, се единствената причина зошто пропаѓањето на тендерот за ПАХЕ „Чебрен“ можеме да го сметаме за релативен успех.Но, да се вратиме на техничко-економски терен и да ги разгледаме нашите опции за во иднина. Многумина ќе бидат изненадени, но на листата на приоритети Чебрен не се наоѓа многу високо.
Какви би требале да бидат идните чекори што Македонија би требало да ги направи за да обезбеди сигурна енергетска иднина и Зелена транзиција кон обновливи извори на енергија (ОИЕ)?
Главен критериум треба да биде брзината на враќање на инвестицијата и приносот на инвестицијата, во комбинација со техничките услови - обезбедување на потребните количества енергија и дневниот профил на производство на електрична енергија.
Започнувајќи од денеска, вака би можел да изгледа редоследот на приоритети.
1. После престанувањето со работа на ТЕ Битола 1 и ТЕ Битола 2 до 2028 година, ТЕ Битола 3 би можела да продолжи со работа уште најмалку 30 години. Согласно Парискиот договор за ограничување на емисијата на стакленички гасови (пред сé ЦО2) Македонија нема обврска да ги затвори сите термоелектрани на јаглен, туку само две третини од нив. Преостанатиот еден блок би можел да продолжи со работа експлоатирајќи ги резервите на јаглен од рудниците Суводол и Брод-Гнеотино уште најмалку 10 години, а доколку се отвори надземниот или подземниот коп во рудникот Живојно уште дополнителни 30 години.
Горна акумулација од базенски тип кај современа реверзибилна хидроелектрана
2. Државниот ЕСМ да го забрза темпото на изградба на државни фотонапонски електрани, сé до максималниот капацитет од 1.700 MW, од што 800 MW би покривале голем дел од дневната потрошувачка на електрична енергија, а 900 MW би произведувале енергија за пумпање, т.е. за складирање во реверзибилни хидроелектрани за потрошувачка навечер.
3. Доколку ЕСМ изгради капацитети за складирање на енергијата, да потпише договори со приватните сопственици на фотонапонските (ФН) електрани за откуп на целото нивно производство по израмнета цена на енергијата (Levelized Cost of Electricity - LCOE), прилагодена со стапката на инфлација. Оваа цена се изведува од инвестициските трошоци, цената на капиталот и времето на експлоатација на ФН централи. Моментално граѓаните немаат практично никаква корист од приватните електрани, бидејќи тие ја продаваат енергијата по берзански цени.
4. Државата, односно ЕСМ, веднаш да започне со изградба на реверзибилни хидроелектрани, со мали горни акумулации (1-2 милиони кубни метри вода) на голема висина (400-800 m) над акумулационите езера на постоечките хидроелектрани. Во државата имаме најмалку 8 такви локации, кои се определени во студија од 1980-ите години од нашите факултети, за потребите на ЕСМ. Нивната вкупна инсталирана моќност би требало да биде најмалку 600 MW, а годишниот капацитет за складирање најмалку 1500 GWh.
Предноста на овие мали акумулации - базени - на голема висина се состои во малите димензии на прстенестиот зид-брана, чија висина не надминува 30 m, а со дебелина до 5 m. Цената на изградбата на овие мали брани е неколкукратно пониска отколку цената на браната на ПАХЕ „Чебрен“, на која што отпаѓа до 2/3 од вкупната цена на хидроелектраната. Со многу помали капитални трошоци, времето на отплата кај „базенските“ реверзибилни електрани е многу пократко отколку кај големите акумулациони хидроцентрали од типот на „Чебрен“. Токму долгото време за изградба и отплата е главната причина зошто ПАХЕ „Чебрен“ не се наоѓа високо на списокот на приоритети.
5. Револуцијата во користењето на нуклеарната енергија неминовно ќе ја зафати и нашата земја, која за кратко време би можела да се врати на поранешната енергетска стратегија (до 2030 година), којашто предвидуваше изградба на сопствена нуклеарна електрана. Развојот на новата технологија на мали модуларни реактори (Small Modular Reactor - SMR) ги подобрува сите параметри за исплатливост, т.е. минималниот исплатлив капацитет, цената по единица инсталирана моќност, но и на параметрите за безбедноста.
Да почекаме уште 1-2 години додека во светот започнат помасовно да се градат овие мали нуклеарни електрани, а во меѓувреме можеме како држава нешто да преземеме - да го информираме населението за предностите на нуклеарната енергија, безбедноста, проблемите со складирањето на отпадот, разните митови околу нуклеарната енергија, а паралелно да испратиме на школовање во странство студенти, идни кадри кои би работеле во новите мали атомски централи.
Во иднина почесто ќе ја разгледуваме SMR технологијата, но сега само сосема накратко да кажеме дека времето за изградба на овие мали електрани е скратено од некогашните 10 на само 1,5-2 години, капиталните издатоци се преполовени (од 5.000-10.000 евра/kW на само 2.500 евра/kW), а времето на отплата е скратено на само 5-7 години, што претставува драстична разлика во однос на ПАХЕ „Чебрен“, кадешто изградбата и отплатата би одзеле најмалку 20 години. Разликата ја прави високиот капацитетен фактор од преку 90%, споредено со капацитетниот фактор на ПАХЕ „Чебрен“ од околу 10% за производство на енергија од самиот проток на реката, не сметајќи го складирањето на енергијата. Нуклеарните електрани цело време работаат со полна пареа и така многу повеќе и многу побргу носат пари. После отплата на инвестицијата, цената на нуклеарната енергија е едноцифрена, изразена во евра/MWh.
Би требало да се изградат барем три мали нуклеарни електрани од по 100 MW, со годишно производство од 2.600 GWh електрична енергија. Како нуспроизвод би добиле и до 5.200 GWh топлинска енергија за далечинско греење на цели градови.
6. Дури откако ќе се отплатат инвестициите во реверзибилните iинуклеарните електрани, околу 2040 година би можеле да се вратиме на Чебрен, но како на класична акумулациона, а не пумпно-акумулациона (реверзибилна) хидроелектрана. Долгорочна цел би требало да ни претставува максимално искористување на хидропотенцијалот на реките во земјава и постепено намалување на нуклеарната енергија, задржувајќи го учеството на фотонапонските извори.
За разлика од предвременото и избрзано градење на ПАХЕ „Чебрен“, во иднина целиот тек на Црна Река низ нејзината клисура од Скочивир до Возарци би требало да биде искористен врз каскаден принцип, со нови три акумулации и пониски брани (Галиште - 100 m, Чебрен - 130 m и Скочивир 40 m). На пример, со намалување на висината на браната од 192 m на 120 m во Чебрен, количеството на бетон, а со тоа и цената на браната, би биле дури за 2/3 помали. Освен тоа, бидејќи турбините не би работеле и во пумпен режим, машинската хала би можела да се изгради на самата површина, наместо да се закопува во галерија на длабочина од 30-40 m во гранитните карпи. Тоа исто така многу би ја намалило цената за изградба.
7. Одејќи уште подалеку во иднина, околу 2060 година би можело да се започне со изградба и на хидроцентралите од проектот „Вардарска долина“ и така уште повеќе да го зголемиме учеството на хидроенергијата, за сметка на нуклеарната енергија и енегијата од преостанатиот блок на термоцентралата на јаглен на РЕК Битола, која конечно би била пензионирана. Така конечно би ја завршиле Зелената транзиција и би преминале 100% кон обновливи извори на енергија и никакво загадување.
На сите погоре наброени проекти би требало да се ангажираат многу работници, односно во Македонија не би требало да остане невработено лице. Многу голем проблем претставува задолжувањето за изградбата на нерентабилните патишта на Бехтел и Енка. Оваа непромислена инвестиција ни ги скрши крилјата како држава и сериозно ќе ни го ограничи капацитетот за нови задолжувања за енергетските проекти, кои за разлика од неисплатливите автопатишта (пресметката ја видовме порано) се исплатливи и профитабилни, а пред сé неопходни за државата.