Рубрика: Електроника
Предзасилувач за микрофон
Автори: Страшо Блажевски, Слободан Таневски
Објавено на 29.12.2023 - 16:15

Сликата е генерирана од ВИ

Микрофонскиот предзасилувач од овој кус напис е мошне едноставен за изработка и остава големи можности за експериментирање, со цел да се прилагоди на следниот засилувачки степен и да се добие квалитетен звук.

Ако го направите со елементите чии вредности се дадени во шемата подолу и карактеристиките на предзасилувачот не ги задоволуваат вашите потреби, дотерувањето по ваш вкус можете да го сторите со менување на вредностите на речиси сите елементи.

Влезната отпорност може да се промени со промена на емитерскиот отпорник R3. Со негово зголемување влезната отпорност ќе се зголеми, но тоа ќе доведе и до намалување на засилувањето па тука треба да се најде компромис. R3 може да се менува во граници од нула до 1kΩ. При тоа со ниски вредности ќе се добие големо засилување и влезна отпорност од неколку колооми, како што одговара за динамички микрофон, додека со поголеми вредности ќе се добие помало засилување и поголема влезна отпорност (десетици килооми), како што е потребно за електронските музички инструменти, аудиомиксери, CD плеери...

Електрична и монтажна шема на предзасилувачот

Исто така засилувањето може да се нагодува и со отпорникот R2 кој може да има вредност од 470kΩ до 2,2MΩ. Работната точка се одредува со отпорникот R1 и тука може да се употребат вредности од 4k7 до 22k. Притоа не треба да се претерува со намалување на R1, поради зголемување на колекторската струја и зголемување на изобличувањето. Од друга страна, претераното зголемување на R1 може да предизвика зголемено ниво на шумот.

Кондензаторите C1 и C3 ја одредуваат долната гранична фреквенција – со помали вредности се добива повисока долна гранична фреквенција и обратно. Препорачани вредности за C1 се од 100 до 470 nF, а за C3 од 1 до 10 µF. Кондензаторот C2 ја одредува горната гранична фреквенција и неговото дејство е обратнопропорционално. Препорачани вредности за C2 се од 100 до 1000 pF.

Отпорникот R4 и кондензаторот C4 имаат улога на филтер за напонот на напојување. Тие можат да имаат за 2-3 пати помала или поголема вредност од дадените на шемата. Напонот за напојување може да биде од 5V до 15V. Максималниот излезен напон на предзасилувачот, зависно од вградените елементи може да биде од околу 100mV до приближно 2V.

Микрофонскиот предзасилувач направен со вредностите дадени на електричната шема ги има следниве карактеристики:

Uvlref = 2,6mV (f = 1kHz, Uizref = 100mV)

Uvlmax = 34mV

Uizmax = 1,3V

Riz = 5kΩ

B = 40Hz … 20kHz

Предзасилувачот можете да го изработите на универзална плочка со печатено коло EMITER PPKUNI1 според монтажната шема дадена на горната слика.

Испитување на предзасилувачот во школска лабораторија

Примената зависи од вашите потреби. На пример, можете да го употребите како микрофонски предзасилувач за вашиот аудиосистем – во тој случај напојувањето најлесно е да биде со батерија од 9V. Можете да го вградите во некој свој засилувач или миксер и во тој случај напојувањето можете да го земете од напојувањето на уредот, а ако треба да го намалите употребете едноставен стабилизатор со зенер диода. Многу корисна примена е како микрофонски предзасилувач за компјутер, односно звучна картичка, со цел да добиете повисок квалитет на звукот од динамички микрофон. Напојувањето во овој случај може да биде со батерија од 9V или со напонот од 5V кој постои на самиот влезен конектор на звучната картичка. Конечно, овој предзасилувач може да послужи и како солидна практична вежба во средните електротехнички училишта, каде учениците преку изработката и испитивањето на неговите карактеристики ќе стекнат драгоцени знаења и вештини.

 

П.С. Овој напис е малку проширена верзија на кратката статија која ја објавивме во Емитер 2/1995.

Технички карактеристики:
Технички карактеристики: 

Uvlref = 2,6mV (f = 1kHz, Uizref = 100mV)
Uvlmax = 34mV
Uizmax = 1,3V
Riz = 5kΩ
B = 40Hz … 20kHz

 
Главни елементи и материјали:
Главни елементи: 

Транзистор BC549 или сличен
ППК = ЕМИТЕР ППКУни1

Клучни зборови:
Сликата е генерирана од ВИ

Сликата е генерирана од ВИ

Електрична и монтажна шема на предзасилувачот

Електрична и монтажна шема на предзасилувачот

Испитување на предзасилувачот во школска лабораторија

Испитување на предзасилувачот во школска лабораторија