Овој декември Google конечно го подобри својот четбот Bard со моделот на вештачка интелигенција од најновата генерација наречен Gemini. Според изјавите на калифорниската компанија, овој модел треба да ги надмине перформансите на ChatGPT и моделите од другите конкуренти. Ракавицата е беше фрлена кон OpenAI токму во деновите кога водечката компанија на полето на ВИ ја тресеа силни превирања. Се сеќавате, нели, Сем Алтман беше отпуштен, па поканет да работи во Мајкрософт, за на крај пак да се врати на челото на компанијата.
Во светот на информатичката технологија, и генерално во светот на претприемништвото, да се биде првиот во одредено поле и на специфичен пазарен е од фундаментално значење. Веќе неколку години Google зад сцената работи на вештачка интелигенција, но кон крајот на 2022 година беше изненаден кога компанијата OpenAI го објави ChatGPT, а потоа соработуваше со Мајкрософт за да го зголеми опсегот меѓу корисниците ширум светот. Поучени од минатото, од претрпениот пораз на полето на социјалните мрежи, кога Гугл се спротивстави на подемот на Фејсбук со веќе заборавениот Google+, овојпат компанијата од Mountain View реши да ги направи работите “како што треба” за да се постави на чело на најреволуционерниот ИТ бран на минатата деценија.
„Оваа нова ера на јазични модели претставува еден од најголемите научни и инженерски потфати што некогаш сме ги преземале како компанија“, изјави извршниот директор на Google, Сундар Пичаи, додека неговиот колега Ели Колинс зборуваше за подобрувањето на Бард како прв модел на вештачка интелигенција способен да ги надмине експертите во решавање на проблеми од математиката, физиката, историјата, правото, медицината, па дури и етиката. Демонстративните тестови на коишто Gemini беше подложен беа разновидни – вештачката интелигенција требаше да разбере дали некое лице раскажува сцени од филмот „Матрикс“ од 1999 година, дали друго лице можеби црта патка, како и да дава свои предлози, но истовремено и да изведува заклучоци и да прави споредби.
Gemini носи различни подобрувања за различните верзии на Бард. Тие се движат од „про“, резервирана за претплатници, до „нано“, интегрирани во паметните телефони, првенствено оние од новата палета на Pixel 8.
Во 170 земји во светот, верзијата на англиски јазик е веќе онлајн и моментално е активна со сите нови функции, кои вклучуваат подобро разбирање текст и препознавање на говор и слух. И ова не е единствената вест. Уште од септември Google ги интегрира своите најпознати алатки, од Gmail до YouTube, во Bard, со цел да им покаже на сите дека генеративната вештачка интелигенција е корисна технологија и дека таа не е опасна.