Минатиот четврток, на 14 декември, во просториите на Кинотека на Македонија се одржа промоција на книгата “Телевизиски системи”, во издание на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“. Ова е трета стручна книга на м-р Милчо Узунов и прва за оваа тема напишана на македонски јазик, што додава дополнителна тежина на значајот на ова дело. Книгата обработува проблематика чиешто познавање ќе им биде од огромна корист на сите што се бават со каква и да е ТВ продукција, а авторот ја обработува од стручен и практичен аспект, нудејќи конкретни, реални примери за ТВ системите.
За книгата и авторот зборуваа професорот Јордан Плевнеш, основач и претеседател на универзитетот „Еуропа Прима“, проф. д-р Александар Трајковски, ректор, и професорот Слободан Таневски, а на присутните на крај им се обрати и авторот Милчо Узунов. За авторот и делото говореа, преку снимени прилози и неговите студенти и колеги, академски и професионални. Целиот настанот го модерираше м-р Марга Столевска која ја имаше и воведната реч во која го претстави авторот на книгата “Телевизиски системи”.
Потсетувајќи се за почетоците и развојот на соработката со авторот на книгата, како и неговото воодушевување со квалитетот на работата на Узунов, којашто вели дека е на светско ниво, Јордан Плевнеш ќе каже “Нашиот професор Узунов којшто предава и на ФДУ и којшто е една еминентна фигура во југоисточна Европа, ги прави своите пробиви во светот и во отсуство. Францускиот филозоф Волтер вели дека најубаво е да се бриљира во отсуство, значи да се зборува за вас а вие да не сте тука. Јас сум горд што како претседател и основач на Универзитетот имаме една таква личност во нашиот академски состав”.
Проф. д-р Александар Трајковски, ректор на Универзитетот Еуропа Прима, зборувајќи за книгата рече “Почнувајќи од основните параметри на телевизиските студија па сѐ до одделните сектори и нивните функции во телевизискиот систем, оваа книга дава целосна слика не само за телевизиите како медиуми, туку и за продукциските процеси кои се нивен составен дел. Особено остава впечаток богатата илустрација, за што мојот колега Милчо навистина посветил многу од своето време. Може да се забележи дека секоја тема има своја илустрација која придонесува за една дополнителна експликација на проблематиката која се анализира во неа. Сакам да потенцирам дека оваа книга ќе ја збогати македонската стручна литература, особено во делот на телевизијата каде навистина бројот на книги кои може да се најдат од оваа област е значително мал.”
Професорот Слободан Таневски, којшто заедно со професорот Узунов ги предава предметите по филмска техника и телевизиска технологија, ги презентираше содржините на книгата па во своето обраќање, меѓу другото, кажа: “Во книгата е направен еден извонреден баланс помеѓу инженерството и онаа друга страна на телевизијата, а тоа се луѓето, телевизиските работници коишто работат со таа технологија, коишто немаат потреба да знаат подлабоко за таа технологија, на едно инженерско ниво, меѓутоа треба да знаат да ја користат таа технологија и да знаат како функционира целиот систем, кое е нивното место во тој систем, да знаат што може да очекуваат од таа технологија. Оваа книга е многу корисна и за електротехничарите и електроинженерите кои работат или ќе работат во ТВ центрите и видеопродукциите, да знаат како таа опрема треба да се поврзе и како да се проектира и организира ТВ студио и репортажно возило. Со помош на оваа книга сега многу полесно ќе можат да се формираат нови и современи телевиски студија.”
Во своето обраќање до присутните, авторот Милчо Узунов најнапред им се заблагодари на Универзитетот Еуропа Прима, ФДУ, колегите, професорите, пријателите и семејството кои го поддржаа при издавањето на книгата. Тој напомена дека книгата е плод на неговото дводецениско професионално искуство во областа, со краток пресек на сите интересни и значајни промени и трансформации што овој сектор ги имаше во тој период.
“Сето тоа беше предизвик за мене и го прифатив”, вели Милчо,“Беше доста интересно, во некои случаи и тешко. Помагав доста и учествував во создавање на многу проекти – многу телевизиски куќи кај нас, радиостаници, продукции куќи. Помагав при формирање на културни установи, театри итн... и сето тоа искуство решив да го преточам токму во оваа книга, за којашто сметам дека е особено важна.”
За крај тој додаде “Нема да застанам тука, ќе продолжам и понатаму да работам, особено што доаѓа еден многу интересен период во оваа област. Сите знаеме дека вештачката интелигенција сѐ повеќе навлегува и дека нејзиниот импакт врз телевизиската техника и продукциските ситеми ќе биде многу голем. Ќе биде интересно да се следи овој напредок.”
Авторот, м-р Милчо Узунов, професор на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје и на Факултетот за драмски уметности – ФДУ при УКИМ – Скопје, е дел и од основачкиот тим на првото македонско списание за популаризација и примена на науката и техниката „ЕМИТЕР“. Освен во списанието „Емитер“, дел од неговата активна работа во полето на видео и аудиотехнологијата може да се прочита и во научното списание за аудиовизуелни уметности „ЛИНК“, при Универзитетот „Еуропа Прима“ – Скопје.
Книгата “Телевизиски системи” е негова трета стручна книга, по објавата на „Основи на сценската проекција“ во 2018 година и на „Видеотехнологија“ во 2020 година. Книгата е организирана во 3 главни поглавја – Телевизиско студио, Надворешна - мобилна продукција и Примери и анализа на телевизиски системи. Како што споменавме, при обработката на материјалот акцентот е ставен на практичниот кориснички аспект, додека инженерскиот пристап е умерен и поткрепен со детални илустрации, што овозможува негово полесно разбирање.
Во содржински аспект книгата нуди анализа на секторите во ТВ системите, објаснување за нивните функции и доловување на работните обврски кои се јавуваат во овие системи. Освен за преносот видеосигналите, авторот има одлична кратка експликација за акустиката на ТВ студијата, потребните аудио системи и обработката на сигналите.
Во првото поглавје најнапред се изложени основните потреби и услови за функционирање на едно современо ТВ студио – подот кај телевизиските студија, електричната енергетска инсталација, систем за климатизација, светлосен грид, акустична обработка, како и потребата од дополнителни простории. Дознаваме за начините на класификација на ТВ студијата според нивната физичка големина, капацитетот на продукција, како и според техниката и начинот на продукција, секторската поделеност на работата во ТВ студиото. За крај добиваме слика за начинот на којшто “дише” едно ТВ студио на функционален, технички и кадровски план.
Второто поглавје е посветено на надворешната – мобилна продукција, како и специфичните практични и технички побарувања што произлегуваат од овој вид продукција и со којашто мобилните екипи постојано се среќаваат и работат: временските параметри, подвижните системи – мобилни регали, репортажни возила. Особен акцент е даден на репортажните возила, нивните основни карактеристики, намената и опремата кај големите, малите и SNG репортажните возила, како и инсталацијата во нив.
Третиот дел ја разгледува практичната примена на ТВ системите со примери и анализа од потребите за функционирање на мала информативна телевизија, преку телевизиски систем за емитување на содржина за одложено емитување и телевизиски системи во NDI изведба, до обработка на телевизиски систем со далечинска IP контрола.
Книгата “Телевизиски системи” дава насоки за успешна работа кај веќе постоечките системи и од неа може да се научат и применат методи кој ќе го подобрат функционирањето на ТВ системите. Притоа таа не е наменета само за студентите, туку таа ќе им биде од голема полза и на сите сегашни и идни техничари, инженери и телевизиски работници.
Книгата “Телевизиски системи” од м-р Милчо Узунов можете да ја набавите преку е-продавницата на ЕМИТЕР.