Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сончевиот ветер ненадејно “исчезнал” во текот на два дена
Објавено на 14.12.2023 - 12:15

Поларна светлина над Марс

Мисијата MAVEN (Mars Atmosphere and Volatile EvolutioN) на НАСА, која е поставена во орбитата околу Црвената планета, забележала ненадејно исчезнување на сончевиот ветер. Два дена подоцна, податоците за сончевиот ветер се вратиле во нормала.

Сончевиот ветер претставува всушност постојан тек на наелектризирани честички што потекнуваат од Сонцето. Сончевиот ветер влегува во интеракција со честичките во горната атмосфера и во магнетосферата на планетите во Сончевиот систем, како Земјата и Марс. Оваа интеракција е видлива во вид на поларна светлина.

На 25 декември 2022 година, мерењата на MAVEN покажале дека бројот на наелектризирани честички во сончевиот ветер неочекувано се намалил за 100 пати. Без притисокот од сончевиот ветер, пречникот на атмосферата и магнетосферата на Марс се зголемил за илјадници километри. Само два дена подоцна, сончевиот ветер се вратил во нормала.

Слика од  површината на Црвената планета фотографирана од еден од роверите на НАСА

Последен пат ваков феномен бил забележан во 1999 година. Тогаш сателитот ACE на НАСА, поставен во орбита околу Земјата, забележал пад на сончевиот ветер од 98%. Овие вредности се повторувале во текот на 3 последователни дена.

Ваквите настани се случуваат кога побрзо движечкиот сончев ветер експлодира надвор од Сонцето, престигнувајќи го ветерот што се движи побавно. Дејствувајќи како метла, побрзиот ветер ги собира и ги компримира двата региони заедно. Зад него останува “празнина”, дел од протокот на сончев ветер со екстремно мала густина. Најновите набљудувања на НАСА се предмет на студијата претставена на есенскиот состанок на Американската геофизичка унија во Сан Франциско.

Набљудувањата на мисијата Улис (Ulysses) за брзината на сончевиот ветер како функција на географската хелио ширина за време на сончевиот минимум. Бавниот ветер (≈400 km/s) е ограничен на екваторијалните региони, додека брзиот ветер (≈750 km/s) се гледа над половите.  Извор: НАСА

Мисијата MAVEN има единствена намена да ги набљудува истовремено и сончевата активност и атмосферата на Марс.

Набљудувањето на екстремните услови е секогаш од непроценливо значење за науката“, вели Шенон Кари, главен истражувач за MAVEN при Универзитетот Беркли, Калифорнија. „MAVEN беше дизајниран за набљудување на овој тип интеракции помеѓу Сонцето и атмосферата на Марс, а вселенското летало обезбеди исклучителни податоци за време на овој навистина аномален сончев настан“.

Примарната мисија на MAVEN е да им помогне на научниците да разберат зошто Марс е сув и пуст. Набљудувањата од Земјата и на површината на Марс, направени со помош на роверите, укажуваат дека Црвената планета некогаш имала изобилство од вода, топла клима и сите неопходни елементи за зачнување и одржување на животот пред милијарди години, слично како и Земјата.

Извор Космос

Клучни зборови:
Поларна светлина над Марс

Поларна светлина над Марс Фото: НАСА

Слика од  површината на Марс

Слика од површината на Марс Фото: НАСА

Набљудувања на мисијата Улис (Ulysses) за брзината на сончевиот ветер

Набљудувањата на мисијата Улис (Ulysses) за брзината на сончевиот ветер како функција на географската хелио ширина за време на сончевиот минимум. Бавниот ветер (≈400 km/s) е ограничен на екваторијалните региони, додека брзиот ветер (≈750 km/s) се гледа над половите. Извор: НАСА